Што доколку сакате да патувате, а сепак имате ограничени средства? Прочитајте ја сторијата за Полскиот пар Карол Левандовски и Александра Шлусарчик чии патувачки афинитети не се поклопувале со нивниот заеднички буџет. Сепак, решиле да не се откажуваат од своите соништа поради недостатокот на финансии и разработиле стратегија за поевтино патување и истражување.
Кратко време по стапувањето во брак, Карол и Александра заминале на меден месец во Алјаска и на тој начин започнал нивниот авантуристички експеримент. Младенците тргнале на пат со своето комбе, а за нивното патување да трае подолго и максимално да го искористат буџетот, се откажале од престои во хотели и јадење во ресторани.
Патувањето во Алјаска се покажало како одлично искуство и затоа парот решил да отпатува повторно. Така нивната идеја за пат околу светот конечно почнала да се остварува и заминале на пат со заедничкото хипи комбе, кое било преполно со прехранбени намирници со цел да заштедат на храна.
28-годишните авантуристи досега имаат посетено над 50 држави со дневен буџет од околу 415 денари, а нивниот динамичен стил на живеење трае веќе 6 години…
Дел од нивните авантури било честото ноќевање во шатор под отворено небо, а понекогаш добивале шанса да преноќат кај локални жители на местата кои ги посетувале. Што се однесува до патните трошоци, Карол и Александра смислиле одлично решение. Покрај тоа што земале со себе патници за да ги поделат трошоците за гориво, тие испраќале и разгледници до секој кој за возврат ќе им плати литар гориво.
„Кога ни требаше помош од механичар, често не сакаа да ни земат пари бидејќи беа импресионирани од нашите патувања, сакаа да ни помогнат и да бидат дел од нашата авантура“ – вели Карол.
Фотографиите од патувањата низ светот парот ги објавува на заедничкиот блог „By Bus Around The World“, а фотографиите се придружени со совети за оние кои сакаат да се нафатат на сличен патувачки подвиг.
Заљубените авантуристи ги охрабруваат сите што сакаат да патуваат да го следат нивниот пример. „Кога луѓето слушаат за нашите патувања, често велат дека отсекогаш сакале да направат нешто такво и дека би сакале да бидат како нас, но никогаш не се осмелиле. Сметаме дека тоа е поради нивниот страв и стереотипите за ваквиот начин на патување“ – велат тие и истакнуваат дека ваквите патувања имаат многу предности, како на пример запознавањето нови луѓе, култури и чувството на слобода и истражување.