Едно малку поинакво патување Ви предлагаме за оваа недела. Времето е убаво и како создадено за прошетка низ историјата и минатото, која ни ја нудат нашите најинтересни археолошки локалитето. За првиот дел од секвенцата Археолошки локалитети во Македонија, кликнете ТУКА
Продолжуваме со истражување на најинтересните локалитети во нашата држава кои заслужуваат да бидат видени.
ВАРДАРСКИ РИД – Гевгелија
Вардарски Рид со својата позиција и конфигурација лесно одговара на потребите за населбинско живеење во речиси сите праисториски и антички периоди.
Така, повисокиот Рид кој доминантно се издига над рамницата и коритото на Вардар, лесно одбранлив, со стрмни карпести страни и заштитен пристап до водите на Вардар, претставува идеална позиција за праисториска населба од металните времиња. Од друга страна, понискиот Рид , кој поблаго се извишува со доволна површина и во непосредна релација со евентуалната патна линија во неговото подножје, ги исполнува сите услови за развивање на градска населба во раните историските периоди.
Различни градежни интервенции се случувале на локалитетот во сите векови, во време на турското владеење со Македонија или во текот на XX век, се до најново време. Последните неколку децении Вардарски Рид е уреден како излетничко место, со пристапни патеки, широк паркинг и Мотел. Таму, на просторот на Источната тераса се вршат интензивни систематски истражувања.
ЗАЛИВ НА КОСКИТЕ – Охридско Езеро

Во 1997 година се извршени првите подводни археолошки истражувања во Македонија на локалитетот “Плоча Миќов Град” во Заливот на Коските, покрај јужниот брег на полуостровот Градиште, близу селото Пештани. На длабочина од 3,00 до 5,00 метри биле откриени многубројни дрвени колци закачени на дното од езерото и многуброен движен археолошки материјал со хронолошка припадност на крајот од бронзеното и почетокот на железното време. По долги годишни истражувања, откриени, нумерирани и измерени биле 3102 колци. Подводни археолошки истражувања се вршени во кампањи континуирано до 2002 година, а со прекини до 2005 година, при што се откриени и документирани остатоци од 6000 дрвени колци.
Заливот на Коските на Охридското Езеро од 8 декември 2008 година навака претставува атрактивен музејски комплекс насловен како Музеј на вода во чии рамки влегуваат повеќе содржини: претпоставена реконструирана наколна населба на локалитетот Плоча Миќов Град на дрвена платформа поставена на дрвени колци закачни на дното од езерото, римски каструм кој е конзервиран, реставриран и презентиран на највисокото плато од ридот `Градиште`, пристапен рустичен објект од камен со музејски витрини и рустичен објект за реализација на подводен туризам.
СТОБИ
Стоби бил главен трговски и културен центар во регионот за време на Римското царство
Во устието на реката Вардар со Црна Река, прострен на три тераси се наоѓа античкиот град Стоби. По долините на реките Вардар и Морава поминувале главните патишта на Балканскиот Полуостров, кои ги поврзувале областите на северен Балкан со медитеранските земји уште во праисториско време. По овие патишта се движеле културните влијанија од југ кон север и обратно, па овој простор бил населен уште во неолитскиот период, на што ни укажуваат ќерамичките археолошки наоди од ова време.

Градот е основан во 359 г.п.н.е. а живее и се развива се до 6 век од нашата ера. Со доаѓањето на римјаните и победата над македонскиот крал Персеј, Македонија е поделена на четири области, а Стоби станува трговски и културен центар на третата област. Со развивањето на Македонија како римска провинција, Стоби добива ранг на муниципулум (главен административен центар).
Стоби го доживува својот најголем развиток во раниот и средниот римски период, тој бил значаен и влијателен град, а подоцна станува и епископско седиште. Почнува да пропаѓа со ограбувањето од војските на Теодорих, по што го следи страдање од големиот земјотрес во 518 година (во која страда и Скупи), за на крај да ја заврши својата историја со аваро-словенските напади во 6 век.
Ова е еден од најбогатите археолошки локалитети во Македонија – покрај многубројните наоди од ќерамика, метални орудија и накит, прочуени се и повеќе репрезентативни објекти од профан и сакрален карактер: театар, бањи, форум, приватни резиденции, базилики и слично.
СКУПИ, Зајчев рид – Скопје
Се работи за најголемиот античко-римски каструм во Македонија.
Градот Скупи е шаблонски и однапред планиран римски воен каструм со правоаголна основа – неговите страни бројат 2000 и 2500 римски стапки. Градот бил опфатен со силен ѕид граден од кршен камен, кој имал дебелина од 3 метри и дополнително бил зајакнуван со квадратни кули.

Пред цивилната и ранохристијанската базилика кои се откопани во Скупи, мора де се спомне најголемиот антички театар во Македонија. Изграден во времето на императорот Хадријан, овој театар имал сложена конструкција и богата надворешна обработка од мермери и шкрилци во боја, па не заостанува пред ниедно од најпознатите дела од тоа време во светските метрополи.
Доцнотермално Римско лекувалиште – Банско, Струмица
Римјаните преку нивните градежни активности оставиле видливи траги во ова подрачје. Еден од најрепрезентативните докази за тоа е објектот на доцноримското термално лекувалиште во Банско, на 12 км југоисточноно од Струмица, под падините на планината Беласица.
Објектот ги користел термално-минералните води на изворот Парило, кој се наоѓа педесетина метри југозападно од бањата. Капацитетот на изворот е 42л/с, што е доволно за снабдување и квалитетно опслужување на бањата.
Лековитоста на водата со температура од 72оC, уште одамна забележана од Римјаните, е благодет кој е користен и во подоцнежните периоди. Денес на ова место постојат повеќе угостителски објекти коишто обично ги користат лековитите својства на водата.
Во бањата досега се откриени 11 простории со вкупна површина од 623 м2. Зачуваноста е најизразена во просторијата што служела како сауна, каде што се наоѓаат еден крстовиден и еден полукружен свод, како и во просторијата која што служела како фригидариум – базен со ладна вода со зачувана полукупола над кадата. Кај останатите простории зачувани се почетните партии од сводните конструкции. Исто така, во сите откриени простории целосно се зачувани подовите градени од тула и малтер.
Останал и комплетниот систем на подното и ѕидното затоплување со сите негови елементи. Во двата големи базени зачувани се подовите и ѕидовите, а од посебна важност е тоа што доводните и одводните канали сеуште функционираат. На објектот се констатирани три градежни фази и неколку помали интервенции во секоја фаза одделно. Судејќи според начинот на ѕидањето и археолошкиот материјал, бањата е подигната во 3 и 4 век.