Планини, села и напуштени места. Природните убавини што ги крие нашата земја се далеку познати, но ретко кој од нас посетил голем број од истите. Некогаш од немање време или пак од недостаток на желба или нечувствување предизвик. А тие се толку блиску до нас, интересни и автентични.
Ги има многу, а знаеме дека постојат уште огромен број за кои не сме ни свесни дека постојат. Е па во тој случај, најдобро ќе биде да се препуштиме и да ги истражиме.
1. Пешти
Пешти или македонското Колорадо, како што другите го нарекуваат, се наоѓа во близина на Велес, поточно во клисурата на реката Бабуна.
Со само еден час одење пеш од Велес пристигнувате во клисурата Пешти. Оваа природна реткост е на 2,5 км од вливот на реката Бабуна во Вардар. Нејзината форма е во вид на инка, горе е широка 50, долу тесна, едвај пет метри, висока 220 метри, долга е 430 метри. Се наоѓа во заштитениот предел на реката Бабуна.

Целиот предел е исполнет го голем број на пештери, од кои најголемиот дел од нив воопшто и не се достапни. Има пет пештерни цркви во локалитетот Пешти. Најголема е Маркова црква- Св. Никола. Изградена е во самата пештера, има ѕидини, како и секоја црква. Како градителите се искачувале со материјал по оваа вертикала од камен е непозната. Останати цркви се молитвеници, фреските се на самите ѕидови од пештерите.
2. Баргала
Античкиот град Баргала или древниот град во Македонија, стациониран во подножјето на Плачковица е вториот предлог од листата.
Баргала се наоѓа на 12 км североисточно од Штип, во близината на Горни Козјак, крај Козјачка Река во подножјето на планината Плачковица. Името Баргала е од тракиско потекло, а неговото етимолошко потекло се врзува за реката Брегалница. Истражувањата на овој локалитет за првпат се започнати во 1966 година, под раководство на Блага Алексова. Во седумдесеттите години на XX век, на локалитетот работела југословенско-американска екипа и тогаш е откриена епископската базилика.

Подоцна се извршени дополнителни ископувањата на Баргала под раководство на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј од Штип.
Досега е истражена само една десетина од целиот локалитет, бидејќи тој зафаќа површина од околу пет хектари. Од објектите откриени се главна порта – Porta Principalis, Епископска Базилика, Епископска резиденција, Баптистериум – крстилница, цистерна за вода, комуникација – мала улица, мала терма, голема терма, винарија, печка за стакло и други објекти.
Иако локалитетот е подзаборавен, сепак во минатото играл голема улога. Прво служел како воен логор, за да на крај го претвориле во тврдина. Од овој локалитет е истражено едвај една десетина, затоа нашите археолози се трудат да откријат што е можно повеќе делови од приказната за Баргала за да се добие појасна слика за нашите корени и предци.
3. Страцин
Страцин се наоѓа на триесеттина километри од Куманово и е место каде што се одвивале тешки борби меѓу македонските партизани и окупаторските војски во Втората светска војна. Трагите од војувањето ги има насекаде, а бункерите се толку цврсто изградени, што би можеле и денес да бидат во функција, само да им се расчисти влезот. Но подобро би било да не ни притребаат.
Село, кое отсекогаш било стратешка точка, и до ден-денес стојат противтенковски барикади, кои биле донесени одамна. Немојте да се изненадите, но можеби за миг ќе помислите дека сте во играта Call of Duty.
А, и тоа е самата убавина на местото, што може да ти ја одмота фантазијата и да те препушти на интересни доживувања. Посебно, ако се решиш да влезеш во подземната воена база, која со подземни тунели се простира под два рида.
Каде и да се одлучите да одите, Македонија има што да понуди. Изберете локација, договорете друштво, проверете временска прогноза и одете на истражувачка мисија и уживање во убавините на нашата земја.