Занимливости

Во Крива Паланка почна манифестацијата „Денови на македонските музеи“

muzei.makedonija

Претставници од десет музејски институции од државата, локални и национални музеи денеска и утре ќе учествуваат на манифестацијата „Денови на македонските музеи“, во организација на локалната установа „Градски музеј“ во Крива Паланка.

-На првиот ден е предвиден работен дел на кој ќе бидат презентирани состојбите со локалните музеи, ќе бидат презентирани практики од соседните земји и ќе биде организиран форум за формирање мрежа на локални музеи. На вториот ден на манифестацијата, на платото пред градскиот музеј ќе биде организиран мини-саем на музеите, на кој ќе бидат презентирани, на мали штандови, промотивни материјали, сувенири, продукти и слично од локалните музеи, како и од градовите од кои доаѓаат, изјави Драган Величковски, директор на Градскиот музеј- Крива Паланка.

На настанот е предвидено да присуствуваат осумте локални музеи во државата: ЈУ „Музеј на град Скопје“, ЛУ „Народен музеј“, Велес, ОУ „Музеј на град Кратово“, ОУ „Народен музеј“, Свети Николе, ЛУ „Музеј на град Неготино“, ОУ „Музеј и галерија“, Кавадарци, ЛУ „Археолошки и историски музеј“, Виница и домаќинот, ЛУ „Градски музеј“, Крива Паланка. 

За годинава за локалните музеи се одобрени 22 проекти поддржани со 2,5 милиони денари, додека за здруженија на граѓани и поединци, 78 проекти и 12 милиони денари.

– Заради функционалност и продуктивно работење на оваа установа, општина Крива Паланка во најскоро време ќе го релизира и планот за кадрово зајакнување на ЛУ градски музеј, посочи Мицевски. Во државава има 22 национални и осум локални музеи од кои сите освен Археолошкиот музеј Виница и ЛУ Градски музеј Крива Паланка се финансираат од буџетот на државата.

– Рамномерноста на распределба на финансиските средства не е наследена со децентрализацијата, главното тежиште е во главниот град, каде има 10 национални и една локална музејска установа. Локалното го гради националното, па поради тоа потребна е поголема размена на информации и искуства, стратегија и поголема вклученост на Владата и локалните самоуправи за развој на локалните институции, музеи и останати, рече Мартин Додевски од ЛУ Градски музеј Крива Паланка во излагањето на тема „Македонска музејска мрежа- состојби и предизвици”.