Занимливости

Најдобрите традиционални јадења од македонската кујна

makedonska-hrana

Македонската традиционална кујна не е широко распространета во светот, ама тој што ја пробал еднаш, побарал барем рецепт од специфичните, уникатни вкусови, за да ги пренесе понатаму или да си ги подготви дома.

Ако прашате странец што дошол во Македонија што ќе издвои како карактеристика на земјава, освен гостопримството на народот и природните убавини, нема да ја заобиколи ни македонската традиционална храна која е колоритна комбинација на влијанија од Медитеранот и Блискиот Исток. Благодарение на сонцето и плодната почва, македонската храна е богата со вкусови, а климата е совршена и за одгледување на исклучителна палета на вина.

1. Зелник или пита

Се сеќавате ли на зелниците или питите со домашно месени, расукани кори што ги правеа вашите баби? Дали можеби ја наследивте нивната страст кон месењето? Ако сепак не знаете да замесите домашна пита, можете да ја купите од некоја бурекџилница. Вртената пита се вистински специјалитет кој ги разгорува сите ваши сетила. Зелникот е легендарна кулинарска класика во нашата земја. Самиот поим доаѓа од поимот „зелје“, што всушност се однесува на самите зелјести растенија кои се ставале во питата. Напролет домаќинките обично користеле коприва и штавеј, во лето – листови од цвекло, праз, пресна зелка, а во зима – кисела зелка. Го печеле под вршник, и обично се послужувал топол со кисело млеко или сирење. Често правеле и пити, т.н. „благи зелници“, најчесто со тиква, а некаде и со јаболка.

2. Полнети пиперки

Познат македонски специјалитет, омилен на сите генерации. Малку мелено месо, ориз, зачини по вкус и сето тоа ставено во црвени, зелени или жолти бабури. Оние што сакаат да експериментираат со вкусовите, можат да пробаат полнети пиперки со кисело млеко. Пиперките по лебот биле најприсутни на македонската трпезата. Тие се јаделе живи, суви, туршија, пржени, печени, варени. Од нив во минатото освен полнети пиперки се правеле безброј јадења.

3. Тавче гравче

Во нашата земја секој знае што е грав; тоа е традиција што се негува како секој друг обичај и нема човек што не пробал. Повеќето Македонци барем еднаш во неделата имаат грав во своето мени. И не дека на други места нема грав и специјалитети од него, ама како гравот „тетоец“ подготвен во земјено тавче со сува пиперка – нема никаде, ќе ви речат тетовчани. Гравот во македонската традиција се јадел како бел грав, со запршка, црвен, со риба или, пак, тавче гравче кое се јадело најчесто со додаток на некое друго јадење. Не постои човек што не е воодушевен од богатиот вкус на гравот подготвен на традиционален начин, како што тоа го правеле и вашите прабаби пред многу, многу години. Се подготвува од свеж македонски грав и може да се најде скоро во сите македонски ресторани. Се сервира во земјени чинии.

4. Топено сирење (Сирење во фурна)

Топеното сирење (или сирење во фурна) е вкусен македонски специјалитет, често послужуван како предјадење во повеќето македонски ресторани и кафеани. Одлично се комбинира со фурнаринки или друг вид на топло лепче. Се подготвува во земјени тави и се пече во фурна.

5. Чорба

Чорба (тур. çorba) е вид густа супа која традиционално се подготвува во евроазиските кујни. Чорбите се прават од разни видови зеленчуци, риба и месо. Македонските домаќинки правеле различни чорби, и посни и мрсни. Порано месото најчесто се подготвувало во чорби, а многу поретко како печено, освен при некоја пригода или празник. Чорбата е јадење кое често се среќава во балканската, македонската, бугарската, грчката, турската и источноевропската кујна. Се приготвува и од добро сварено и ситно исечкано телешко или јагнешко месо.

6. Поховани тиквички

Крцкави, вкусни, одлични за мезе… Како резултат на изобилство витамини и минерали, застапеноста на тиквичките во исхраната е значајна. Благодарение на поволниот нутритивен состав, тиквичките освен што се вкусни се и одлични регулатори на крвниот притисок и холестеролот.

7. Охридска Пастрмка

Не само по неколкуте црвени точки кои ги има на телото, Охридската пастрмка како ендемичен вид на риба која што живее во Охридското езеро е препознатлива и по вкусното бело месо. Охридската пастрмка се јавува во три подврсти и тоа: Летница, Струшка пастрмка и Охридска белвица. Специјалитетите од Охридската пастрмка се најбарани во рестораните во Охрид и Струга. Охридската пастрмка се конзумира на различни начини. Познати се неколку специјалитети од овој вид на риба како што се Охридска пастрмка на Пештански начин, Охридска пастрмка на скара, Тресена пастрмка, Охридска пастрмка со бадеми…

8. Сарми

Вистински домашен деликатес во македонската традиција е сармата. Таа може да се подготви со кисела или свежа зелка, со лозов лист или со листови од штавеј. Зборот „сарма“ има потекло од турскиот јазик и значи „да се свитка“. Повторно е јасно отоманското влијанието на овие простори. Како неизбежен дел од традиционалната посна трпеза во Македонија се прави и посна сарма – сарма со ориз во комбинација со мирудии по желба на домаќинката – праз, ореви, нане, магдонос, моркови…

9. Пастрмајлија

Пастрмајлија е македонски специјален вид пита направен од тесто и месо. Традиционалната пастрмалија има долгнавеста форма со сечкано месо врз неа и обично се правела во зимскиот период. Името потекнува од зборот пастрма, што значи солено и сушено месо од овца или јагне. Овој специјалитет е добар кога се служи со јогурт, но е вкусен и кога се залева со црвено вино. Пастрмајлијата е карактеристично јадење за градовите Штип, Велес, Кратово и Радовиш. Обично се јадела во зима и тоа за поголемите зимски празници, кога се колеле свињи. Домаќинките често пастрмајлиите ги носеле во фурна; го носеле само плехчето и месо од солено каче, а фурнаџијата го правел тестото и ги печел..

10. Бакрдан

Качамак или бакрдан е вид на традиционално јадење кое воглавно се прави од пченкарно брашно. Пченката е најважна житна култура во нашата земја. Се користела варена во вид на зрна засладена со шеќер и како „варени класја“ или ја мелеле, а брашното го употребувале за правење на повеќе производи. Еден од најпознатите е бакрдан, пошироко познато под називите качамак и палента. Здраво е и вкусно и лесно се приготвува.
Ова јадење спаѓа во традиционалните јадења во Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија и Турција. Во качамакот може да се додаваат разни прилози како што се: сирење, пржена свинска маст, пржена сланина, џимиринки, кисело млеко, слатко млеко, шеќер и кајмак.

Македонската кујна е многу разновидна и вкусна, па така што и да им понудите на гостите, голема е веројатноста дека ќе сакаат да пробаат пак.

Leave a Comment

Your email address will not be published.