Како што е познато, Македонија има голем број планини, од кои повеќето се „сочувани“ односно чисти, со разновидни природни богатства, шуми, реки, пријатна клима и други атрактивности кои ги привлекуваат посетителите.
Затоа, некои планини се веќе ставени во туристичката понуда и се доста посетени, други пак сега почнуваат да ги привлекуваат туристите, а некои сеуште не ја доживеале својата вистинска посетеност.
Една од планините која што во последниве години има зголемена посетеност е планината Кожуф. Кожуф е една од 13-те планини во Република Македонија повисоки од 2000 метри. Се наоѓа во јужниот дел на нашата држава, долж границата со Грција. Кожуф од Скопје е оддалечен околу 200 км, од Солун 120 км, од Кавадарци е 40 км а од Гевгелија само 20-тина км. До внатрешните и највисоки делови на планината (до скијачкиот центар „Кожуф“) води тесен, но убав асфалтен пат, кој преку зима често е завејан и со бројни одрони и свлечишта, поради што треба внимателно да се вози. Освен овој пат кој тргнува од Гевгелија, северните и западните планински делови се пристапни преку живописниот, авантуристички асфалтен пат кој тргнува од Кавадарци и преку Витачево се спушта до Конопиште и Мрежичко.
Климата на Кожуф е многу интересна, бидејќи овде се меша влијанието на медитеранската клима од југ и умерено-континенталната од север. Затоа на самиот планински гребен се јавуваат нагли временски промени, понекогаш за само половина час, така што времето може вистински да изненади.
За посетителите доста привлечен е и богатиот растителен свет. Започнувајќи од разноврсните шуми, па продолжувајќи кон прекрасните и разнобојните планински цвеќиња, и на крај завршувајќи со лековитите растенија и билките кои ги има во изобилство и кои се употребуваат за најразлични заболувања.
Ви ја предлагаме Кожуф планина за убав викенд и уживање во чист планински воздух. Можете да разгледате сместувања на www.apartmani.mk