Занимливости

Како правилно да се припремите за рекреативна посета на планина и снег?

ski1

Правилно однесување и припрема за скијање – скијањето е стил на живот, уживање во безкрајните хоризонти на планините и зимските убавини, бегство од загаденост и галама на урбаните средини.  Вистинскиот одмор, забава и рекреирање со семејството или пријателите преку низа зимски спортски активности бара и соодветна физичка подготвеност, свесност околу правилното и одговорно однесување на скијачките терени.

Скијањето и сноубордингот се активен спорт, кој го активира целото тело и сите групи на мускули, спорт кој опфаќа големи надморски височини, големи осцилации на температура и временски амбиент, студ, ветар и силно сонце, варијации на телесна температура при скијање и при чекање во ред или превоз на жичара. Со цел полесно да се справите со овие фактори и да се заштитите од несакани повреди, пред стартот на скијачката сезона доколку не сте активен спортист задолжително да го мобилизирате своето тело преку најразлични кардио вежби, трчање, пливање, возење точак, посета на фитнес центри, проверка и консултација со доктор за претходни повреди. Секако покрај физичките па и психички подготовки, важна е проверката на исправноста на ски опремата, соодветноста на скиите, сноубордот, везовите, кондурите итн.

Во текот на зимската сезона, секое престојување на свеж зимски воздух и сонце поволно влијаат на организмот. Движењето на планина по снег и изложеноста на свеж воздух во текот на зимата имаат големо значење за здравјето, ја зголемуваат циркулацијата на крвта, позитивно влијаат на организмот и го загреваат телото. Треба да развиеме навика и желба да бидеме на снег притоа со умереност да уживаме во благодетите на зимата. Ако сакате да се вратите од скијање освежени и со пријатно исончан тен ќе треба да преземете неколку основни заштитни мерки.

Нега на кожата:  Кожата на лицето мачкајте ја со хидрантни и хранливи креми со заштитен фактор бидејќи на планина сонцето го гори лицето поинтензивно како и под влијание на силниот ветер, така што може да се случи лицето да изгори и испука од исушеност. Затоа се препорачува и внесување на течности-вода, чај, сокови, повеќе пати во денот. Дерматолозите не препорачуваат, дури ни во зима, користење на т.н. масни креми кои ги затвораат порите и не дозволуваат кожата да дише.

Не се препорачуваат, ни масни креми наменети за детската кожа, кои им помагаат само на бебињата. На кожата на возрасните и е потребна влага, а не маснотија. Не заборавајте да ги заштитите и усните, балзамите со заштитен фактор се одлични за на планина. Кога навечер ќе се вратите изморени по целодневното скијање, санкање, лизгање, за опуштање препорачливо е туширање со млака вода, наспроти када наполнета со врела вода за која сите сонуваме додека ни е ладно.

Исхрана: Кога се наоѓате на скијачките терени гледајте оброците да ви бидат хранливи, со високо енергетски намирници, кои брзо се варат и веднаш му даваат енергија на организмот. Алкохолните пијалоци секако дека треба да се избегнуваат.

Повеќе информации околу скијањето во Македонија можете да најдете на www.skimacedonia.mk

Информации за сместување низ скијачките центри во Македонија, побарајте на www.apartmani.mk