На триесетина километри од Мавровската брана, на патот кон Дебар, од левата страна ѕирка малото село Јанче. Сместено во ридско-планински предел, во подножјето на убавата Бистра, Јанче се наоѓа на надморска висина од 760 метри. За ова магично место, според кажувањата, имало неколку легенди, а најинтересната е врзана за специфичната клима во овој крај. Се велело дека ако во Јанче паѓа снег, тогаш и во Солун е такво времето.
Јанче е една од најстарите населби во мијачкиот регион од пред повеќе од пет века во долнореканскиот крај, која се споменува уште во документацијата на архивот на Истанбул. Според легендата, првиот жител на селото бил човек со име Јане, по кого се сметало дека селото го добило името.
Доколку престојувате во Јанче не заборавајте да ги посетите и останатите убавини во околина како што се:
– Водопадите ДУФ, во непосредна близина на село Ростуше,
– с. Галичник по патека Скала, пеш или со коњи,
– Манастирот Св. Јован Бигорски,
– Глацијално езеро Локув, над селото Битуше, на планината Крчин,
– Мостот Елен скок на Тресонечка река,
Јанче и Галичник живееле заедно и создавале несекојдневно единство меѓу нивната архитектура и природниот пејзаж. Архитектурата на овие две села е родена во ретко виден природен амбиент и меѓу себе е поврзана со прекрасен планински, Македонски алпски пејзаж. Оваа архитектура претставува најубава потврда за природните ткаења и взаемни растења во овој простор на каменот и дрвото, земјата и водата, сонцето и воздухот, месечината и ѕвездите, за чардакот и ридот, за градот и предградието. Чудесната структура на оваа народна архитектура и во Галичник и во Јанче меѓусебно е поврзана со сивите карпи, зелените шуми, бистрата вода, небеското синило и ѕвездените ноќи и месечината.
Како причина плус да го посетите овој природен рај е и превкусното јадење од неколкуте локали што се наоѓаат во околина на селото. Тука ќе наидете на свежо приготвена и традиционална Македонска храна која ќе го задоволи и најистенчениот вкус.
Бојата на оваа архитектура е боја на природниот пејзаж, бојата на кровот е боја на ридот и сe така архитектурата и природата се дополнуваат и прават органски осмислена целина.
За среќа, оваа архитектура сe уште е жива, односно некако преживува. Овие епитети за село Јанче се доволен предизвик за негова посета во пролетните и летни месеци, кога престојот во овој регион е посебно атрактивен бидејќи природата нуди многу.
Од Скопје до Јанче има околу 120 км. Од Јанче до Галичник пешки има 2 часа угорнина, а со кола 50 км. Во овој крај нема многу хотели или капацитети за сместување. Една од можностите секако е и ноќевање во манастирот Свети Јован Бигорски.
Овие карактеристики за селото Јанче се доволен предизвик за негова посета во престојните пролетни и летни месеци, кога престојот во овој регион е посебно атрактивен бидејќи природата го нуди најдоброто од себе.