Во последниве години има голема експанзија на изградба на оградени ловишта во Македонија. Не земајќи ги во предвид одгледувачниците или т.н. гатери кои се со површина помала од 150 ха и во кои според Законот за ловството не смее да се врши застрел, досега во нашата држава се изградени или се во фаза на изградба 14 оградени ловишта со површина поголема од 150 ха.
При формирање на листа на најдобри оградени ловишта земени се во предвид различни критериуми, при што во зависност од тоа кој критериум доминира во многу зависи и распоредот на ловиштата. Така на пример, според природните услови апсолутен шампион е ограденото ловиште “Полаки“, додека во начинот на менаџирање ловиштето “Конечко“ од Штип.
Поголемиот дел од овие оградени ловишта на оваа листа се подигнати пред осамостојувањето на нашата држава. Имајќи ги во предвид потенцијалот на новите оградени ловишта не се сомневам дека за некоја година овој распоред може да се промени, но сепак првите две места тешко дека некој наскоро ќе ги загрози.
Полаки
Ловиштето Полаки се наоѓа во источниот дел од нашата држава во ловниот реон Кочани. Тоа е со вкупна површина од околу 900 ха. Ова ловиште до неодамна беше државно ловиште со кое стопанисуваше ЈП “Македонски шуми“, но го изгуби тој статус и наскоро треба да биде доделено на концесија.
Ова ловиште кое го имаат градено и надоградувано неколку генерации на ловци и ловечки стручњаци е вистински “бисер“ во нашата држава. Тоа е градено со многу љубов и внимание и така речено секој од нив во него има оставено дел од својата душа, поради што особено на кочанчани тоа им е многу мило.
Распослано на падините од Осоговските планини се наоѓа во близина на познатиот планински туристички центар “Пониква“. Пристапот до него е многу лесен и брз, бидејќи до него води квалитетна регионална сообраќајница која редовно се одржува.
Тоа од другите ловиште се издвојува не само по својата местоположба туку и по одличните природни карактеристики. Големата разлика во надморската височина и јужната потопла експозиција, придонесуваат во ова оградено ловиште дивечот природната храна да ја има во изобилство. Благодарение на ова и покрај проблемите со кои се соочуваат вработените при менаџирањето со него, тоа е полно со дивеч и слободно може да се каже дека тоа е најбогато оградено ловиште со дивеч во нашата држава.
Коначко (Патрик)
Претходната приказна за изградбата на ограденото ловиште “Полаки“ има и продолжение, во кое главна улога има токму ограденото ловиште “Конечко“. Имено за изградба на оградата во ловиштето “Полаки“ биле обезбедени 18 км ограда со кои требало да се огради површина од околу 2.200 ха, но бидејќи се употребиле значително помалку морало некаде да се искористи преостанатата жица. Решението го нашле на тој начин што решиле да изградат уште едно оградено ловиште. На тој начин непланирано некаде кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години е изградено ова денес прекрасно оградено ловиште.
Ова оградено ловиште е лоцирано во југоисточниот дел од нашата држава и е дел од ловниот реон Штип. Тоа се простира на површина од околу 1.200 ха, а во план е и негово проширување. Од нефункционална и наместа разурната ограда, група ентузијасти и вљубеници во ловот со големи инвестици и труд ова оградено ловиште го прават гордост на нашата држава и пример за успешно менаџирање со оградени ловишта.
Доколку се мери според начинот на менаџирање и рентабилноста во работата ниту едно друго оградено ловиште во моментот не може да се споредува со него. И покрај тоа што ова ловиште не може да се пофали со посебно благопријатни природни услови, перфектното менаџирање со него допринесува тоа да е апсолутно најкомерцијалното оградено ловиште во нашата држава. Тоа остварува профит повеќе одколку сите останати оградени ловишта во нашата држава заедно.
Во него може да се ловат 10-ина видови на дивеч кои менаџментот успешно ги продава на ловните туристи. Тоа е изградено со високи стандарни кои можат да ги задоволат вкусовите и на најпребирливите ловци. Тука се наоѓа и најубавиот наменски сместувачки објект за сместување на ловци, кој е лоциран во срцето на оградата. Ваквата локација на сместувачкиот објект нуди уникатна прилика ловците своето утринско кафе да го испијат во друштво со дивечот кој слободно шета во нивна непосредна близина.
И ова оградено ловиште како и “Полаки“ моментално нема концесионер. За жал проблемите со кои се соочува ловиштето во чии рамки се наоѓа ова оградено ловиште при новата распределба на концесиите се заканува тоа да го изгуби својот сјај.
Ивање
Со ова оградено ловиште стопанисува ЈПУЗПП “Јасен“ за кого и не треба многу да се збори бидејќи тој му е добро познат на секого. Сепак малкумина се запознати со оградените ловишта во него и со потенцијалот кој го имаат тие.
Ова оградено ловиште се наоѓа во склопот на ловиштето “Јасен 1“ кое е дел од скопскиот ловен реон. Тоа како и ограденото ловиште “Врбјанско подиште“ (“Селиште“) до осамостојувањето на нашата држава беше мистерија за обичните луѓе, но со промената на политичкиот систем и демократизацијата на нашето општество тоа стана достапно и за обичните луѓе.
Ова е најдоброто оградено муфлонско ловиште во нашата држава. Ваквиот епитет се должи пред се на карпестиот терен, јужната потопла експозија која не држи многу снег и благопријатната за овој вид на дивеч клима. Покрај муфлон во него има дива свиња и срна.
Сепак жалосно е што тоа не работи со полн капацитет. Бројноста на муфлон е многу мала и потребно е да се изврши населување на нови грла со што не само што ќе се зголеми неговата бројност, туку ќе се изврши т.н. освежување на крвта. Тоа е неопходно бидејќи како резултат на нарушениот генофонт заради повеќегенерациското меѓусебното спарување, значително е намалена трофејната вредност на муфлонот.
Врбјанско ( селиште )
Богатата традиција, прекрасната природа, големиот потенцијал, опременоста со квалитетни ловнотехнички и ловностопански објекти и добро обучениот кадар ова ловиште го сместуваат на високото четврто место.
И со ова оградено ловиште исто како и со претходното стопанисува ЈПУЗПП “Јасен“. Се наоѓа во централниот дел од нашата држава и спаѓа во границите на скопскиот ловен реон. Тоа е дел од ловиштето “Јасен“ и е составено од неколку помали огради. Во тек е негова доградба со што од сегашните 200 ха неговата површина ќе се зголеми на околу 440 ха. Во него може да се ловат обичен елен, елен лопатар, муфлон и дива свиња.
Тоа се наоѓа во подножјето на гребенот на планинскиот масив Јакупица и над вештачката акумулација “Козјак“. Ваквата местоположба овозможува прекрасен и уникатен амбиент за лов и нуди можности за голем број на дополнителни активности на ловците туристи.
Во негова непосредна близина се наоѓаат неколку квалитетни наменски сместувачки капацитети. Тука движењето и пристапот е строго регулиран така што посетителите слободно може да се опуштат во мирот и интимноста.
НИЏЕ
Од сите ловишта на оваа листа, ова е најново оградено ловиште. Ова ловиште всушност може да се каже дека на некој начин е комбинација на првите две ловишта од оваа листа – одлични природни услови и силен и стабилен концесионер. Сепак, негова најјака страна е новиот концесионер, претпријатието ЕУРОИМПЕХ кое не жали средства и труд од него да направи репрезентативен објект. Според инвестициите, ова е оградено ловиште во кое во поново време се инвестираат најголеми финансиски средства.
Ова оградено ловиште се наоѓа во јужниот дел од нашата држава во близина на границата со Грција и е дел од битолскиот ловен реон. Тоа е со површина од околу 200 ха, но во план е доградба на уште 600 ха со што ќе биде со вкупна големина од околу 800 ха.
Ограденото ловиште се наоѓа во прекрасен природен амбиент на сочувана шума. И ова ловиште слично како и “Полаки“ се одликува со одличен прехрамбен потенцијал што многу поволно влијае врз дивечот. До него се пристигнува преку регионалниот патен правец кој од Битола води кон Мариово.
Од сите останати оградени ловишта ова може да се пофали дека се наоѓа во регион со исклучително богата историја, што може да биде многу значајно за привлекување на ловни туристи. Во него засега можат да ловат обичен елен, муфлон и дива свиња, но судејќи според плановите на концесионерот наскоро може да се очекува оваа понуда да биде збогатени и со нови алохтони видови на дивеч.
Повеќе информации за ловџии и лов можете да добиете на www.macedonia-hunting.com
Информации за сместувачки капацитети можете да најдете на www.apartmani.mk