Велес. Интересен град. Традиционален град. Град полн со добри луѓе, а исполнет со надеж, смеа и мајтап на сопствена сметка.
Велес има 23 вековна историја кој ги чува живи спомените на своите градители, револуционери, преродбеници и културни дејци. Без оглед дали Ве интересира историјата на Балканот, да ги посетите првиот театар, куќата на основачот на првото училиште на македонски јазик или црквата Св.Пантелејмон, Вие сте на вистинското место. Ако пак Вашиот интерес е насочен кон археолошките локалитети или старата архитектура, повторно сте направиле вистински избор. Тука се Стоби, Велешкото кале, стрмните сокаци, европски градби од 19 век и автентичната староградска архитектура.

Прв ден: Прошетка низ стариот дел на градот
Разгледувањето започнете го од северниот дел на градот, односно од влезот на Велес од автопатот, каде што на самата крстосница можете да ги забележите малите црквички (1) со чешма со питка вода. Спротивно од црквичките има пат до Спомен-костурницата (2). Тоа е споменик за Втората светска војна. Оттаму имате прекрасна панорамска глетка на градот. Во продолжение можете да се спуштите кон населбата “Варналиите” каде ќе ја видите малата црква Св. Ѓорѓи (3). Тоа е стар дел на градот каде што можете да прошетате низ тесните улици и видите куќи со стара архитектутра кои се реставрирани и заштитени (4). Спуштајќи се надолу кон реката Вардар ќе наидете на старото градско јадро каде што се сместени градскиот пазар (5), автобуската станица (6), мостот на Гемиџиите (7), споменикот на Гемиџиите (8). Овде може да седнете во некое од ресторанчињата до самата река и можете да се одморите и уживате во убавата храна.
Втор ден: Прошетка низ новиот дел на градот
Појдете од Саат-кулата (1) од каде што се гледа пешачкиот мост од друга перспектива. Потоа продолжете до куќата на Кочо Рацин (2) и спуштете се кон центарот и кружниот тек до споменикот на Илинденците (3). Одејќи понагоре кон север влегувате во централното густо јадро каде што се одвива сегашниот динамичен живот на градот. Посетете ги Музејот (4) и Ликовниот салон (5) кој се наоѓа на стотина метри спротивно од Музејот кон Младинскиот парк. Младинскиот парк (6) е модерен и уреден; тука се новата грандиозна црква Свети Кирил и Методиј (7), модерните фонтани, новиот театар. Од спротивната страна на паркот се кафе-баровите и рестораните (8) во кои се одвива забавниот живот на велешани и препопрачуваме тука да се освежите. Велес има и Градски парк (9), се наоѓа до реката Вардар и е вистинско катче за одмор и рекреација далеку од градскиот метеж. Во него се наоѓа и Градскиот базен (10), во летните месеци вистинско место за одмор и релаксација. Западниот дел на градот е нов и урбанизиран. Тука се Општината,јавните установи, стамбени блокови за живеење итн. Во северозападниот дел се наоѓа и старата индустриска зона.
Трет ден: Прошетка околу езерото Младост
Третиот ден препорачуваме да ја разгледате околината на Велес и прошетате во природа. Најблиското место каде што се рекреираат велешани е езерото Младост – вештачка акумулација толку убаво вклопена во природата што дури ги примила особеностите на природните езера. Езерото, богато со живот, го опкружуваат борова шума и угостителски објекти со извонредни рибни и велешки специјалитети. Неговата близина до автопатот Велес – Гевгелија го прави идеално место за развој на транзитниот туризам. Во моментов, крајбрежјето на езерото е честа дестинација на кампери и на љубителите на риболовот. Околината на езерото изобилува со шуми и зеленило што придонесува за неговиот статус на пријатно место за одмор, рекреација, велосипедизам и пешачење.
- Површина на езерото: 52 ха
- Количина: 12.000.000 м3 вода
- Надморска височина: 250 метри
- Рибен фонд: сом, крап, смуѓ, црвеноперка, белвица, бел и жолт амур…; речен рак и речна школка.
Каде да јадете?
Во најголемиот дел од рестораните во Велес доминира македонската кујна, која е репрезентативна кујна на Балканот. Особено атрактивни за туристите и посетителите се рестораните со специфичен етно амбиент кои нудат традиционални македонски специјалитети меѓу кои тавче гравче, турли тава и елбасан тава, мусака, селско месо, таратур, велешко колпиде, велешка пастрмајлија, ѓозлеме… Сепак, многу често на менито во рестораните има комбинација на национални и специјалитети од најпознатите европски и светски кујни.
Име на локал | Што е вкусно? | Телефон | Адреса |
Меана Баже | Пити, пастрмајлии | 043 234 056 | ул. Коле Дрнков 7 |
Меана Бети | Ќебапи, увијачи | 043 222 544 | ул.Страшо Пинджур 7 |
Ресторан Брод Панини | Пастрмајлии, месо | 043 211 444 | Велешко Езеро |
Меана Вардар-Пармарк | Ќебапи, вешалица | 043 231 364 | ул.Петре Прличко б.б. |
Моја Кафана | Селско месо | 043 612 215 | ул.Илинденска бр.2 |
Меана Деспина | Пити, пастрмајлии | 043 612 696 | ул.Л. Осмаков бр.12 |
Меана Марија | Пастрмајлии, џигер | 043 231 717 | ул.Ленинова б.б. |
Хотел Монтенегро Ривијера | Пилешко во сос | 043 212 223 | ул. Скопски пат б.б. |
Хотел Ресторан Романтик | Бечка шницла | 043 212 999 | Велешко Езеро |
Меана Хајдук | Ќебапи | 043 233 350 | ул.Петре Прличко б.б. |
Ресторан Сина Сала | Пити, пастрмајлии | 043 613 270 | ул.Маршал Тито б.б. |
Меана Чакар | Ќебапи, вешалица | 043 231 838 | ул.Алексо Демниевски б.б. |