Денес Македонија има околу 30-ина живи манастири и уште трипати повеќе светилишта. Сите тие се отворени за туристи. Во нив се прераскажува историјата. Многу од приказните кои ќе ги слушнете од монасите, активно сведочат за македонската самобитност. Еден од неопходните детали од архиереската одежда, митрите, што ги изработуваат сестрите од манастирот во Рајчица, нема да ги најдете во ниту еден друг манастир на Балканот. Нивната посебност е во тајната на византискиот стил и везови кои монахињите ги негуваат како традиција. Бигорскиот манастир во Дебарско-кичевската епархија е еден од неколкуте кој самоиницијативно инвестира во овој тип туризам. Моментално има простор да прими околу 100-тина гости во манастирските конаци. Сите тие, покрај духовниот мир можат да го почувствуваат и животот на монасите, од нивната исхрана па се до религиските обичаи.
На другата страна од Македонија, исто така самоиницијативно во манастирскиот туризам инвестира и Струмичката епархија. Во изградба се мали конаци во Вељуса и во Водоча, а комплетно адаптиран за гости е манастирскиот комплекс Свети 15 тивериопополски маченици. Вакви примери има и во други манастири. Јован Бигорски е измислено место за трекинг со посета на Ростушките водопади ако веќе зборуваме за туризам. Денес ќе ви предложиме 3 манастири што се одлична идеја за престојниот викенд.
Манастир св.Јоаким Осоговски – Крива Паланка
Класичниот дел од приказната за Манастирот Св. Јоаким Осоговски вели дека манастирот се наоѓа на неколку километри од Крива Паланка, на падините на Осоговските Планини. Манастирот е познат и по името Сарандопор – по местото каде што е граден. Нудејќи ја можноста да се почувствува како минатото и историјата живеат во сегашноста, тој плени со својата духовна, архитектонска и уметничка естетика и вредност.
Ако сакате да го посетите ќе мора да се упатите на излез од градот Крива Паланка кон падините на Осоговските Планини каде и се наоѓа манастирот “Св. Јоаким Осоговски”. Одејќи по кривулестиот пат, кој води до манастирот не можете, а да не се воодушевите кога пред вас ќе се појави манастирскиот комплекс, кој скриен во густото зеленило претставува пријатно место за одмор и починка. Скриен во прегратките на мајката природа, манастирот нуди блажено чувство на духовен мир и спокојство. Во тој простор далеку од градската врева можете само да уживате во чистиот планински воздух и да почувствувате како некоја натприродна сила зрачи од немите градби и ве враќа во минатото, тогаш кога на тие простори живеел пустиникот Јоаким.
Овој манастир е еден oд најубавите и најбогатите манастирски комплекси, кој располага со 90-ина кревети за посетителите и гостите. Македонскиот манастирски комплекс „Св Јоаким Осоговски“, неодамна изврши реновација со нова кршталница, разубавен и реновиран таканаречениот Стар конак и извршена реконструкција на старата камбанарија изградена во 1929 година.
Сонцето продира низ шумата а, тишината ја нарушуваат шумските птици со пеењето, опивајќи се низ своето присуство.
Лешочки манастир – Тетово
Лешочкиот Манастир е православен христијански манастирски комплекс, кој претставува најголем духовен центар во Тетовско. Манастирот е сместен во природен амбиент, збогатен со чист планински воздух во т.н. Горно Лешочко маало во селото Лешок, на надморска височина од 610 метри. Во комлексот се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век. Во манастирските конаци има параклис посветен на светите Кирил и Методиј, додека надвор од манастрискиот комплекс има стара црква посветена на Атанасиј Александриски т.н. Стар Манастир.
Манастирот за прв пат е основан во 1321 година од страна на Епископот Полошки Антониј. Комплетното заживување кое е видливо и денес се должи на доаѓањето на Пејчиновиќ од Света Гора, во 1818 година, кога се обновени манастирските конаци и кога е основана манастирската библиотека. Во тоа време Лешок прераснал во книжевен и просветен центар.
Постоењето на манастирот може да се подели на два периоди, кои се поврзуваат и со двата негови локалитети. Првиот е периодот од 1321 до 1600 година, кога манастирот се наоѓал на шарпланинската падина кај црквата „Свети Атанасиј“, и вториот период, започнат од 1600 година, па сè до денес, кој се однесува на денешната положба на манастирот, кај епископалниот храм на Успението на Пресвета Богородица.
Манастирските конаци денес се реновирани, располагаат со сместувачки капацитети и особено се погодни за летен манастирски туризам. По предлог на митрополитот Кирил во 2000 година е изградена угостителска сала и со бетон е направено плато пред конакот. Конакот располага со 45 легла за престој на домашни и странски посетители.
Манастир св.Преображение – Буково, Битола
Манастирскиот комплекс е лоциран во село Буково, на околу 6 километри од Битола. Манастирската црква е изградена во 1837 година. Манастирот на почетокот имал монаси, меѓутоа по повеќе од пет децении од неговата изградба монашкиот живот згаснал. Управувањето над манастирот го превзеле мирјаните од село Буково. Внатрешноста на црквата никогаш не била зографисана, меѓутоа нејзиниот ентериер е исполнет со копаничарски дела: Иконостас, едно целивание, две табли поставени на западниот ѕид и еден сандак каде се чуваат свештеничките одежди. Во црквата има повеќе икони од 19 век и една постара икона изработена од непознат зограф во 18 век.
Заради густата околна шума и благопријатната микро клима во околината на манастирот, жителите на Битола и околината редовно го посетуваат овој манастир. Манастирот располага со конаци, погодни за сите љубители на манастирскиот туризам.