Водопадите се едни од најфасцинантните природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста.
Македонија крие многу природни убавини, кои изгледаат како места од бајките. Во оваа магија спаѓаат и водопадите, едни од најфасцинантните природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста.
Сипковски водопади – Пехчево
Густата борова и букова шума во пехчевскиот дел на Малешевските Планини со векови ги криела седумте водопади кај изворите на Брегалница, најголемата река во источна Македонија. Само два од овие водопади всушност и припаѓаат на Брегалница, а преостанатите се наоѓаат на нејзините притоки Црн Дол, Жолтачка Река и Сипковски Андак.
Сите водопади изобилуваат со „швајцарска“ планинска убавина. Најбогат со вода и најголем е еден од двата водопади на Брегалница, а со височина од 14 метри, највисок е водопадот на брегалничката притока Жолтачка река. Водопадите се лоцирани во месноста Валевичка Река, а до нив се изградени пешачки патеки кои ги сечат рекичките со малечки мовчиња, патокази, дрвени колиби и клупи за посетителите.
Во непосредна близина на првите Пехчевски водопади во идиличен амбиент е распослана туристичката населба Равна река. Спојот на традиционалното и модерното најповеќе се огледа во двата мотела кои располагаат со сопствени рибници и кои нудат сместувачки капацитети и вкусни специјалитети приготвени според , “бабини” рецепти. Овде е и излетнчкото место “Бараки” кое нуди простор за одмор и рекреација, дрвени летниковци и друга инфраструктура и опрема.
Водопад Длабока Река – Кораб
Долината на Длабока Река претставува типичен пример за глацијална ерозија. Кон крајот на последното ледено време, корапските глечери почнале да се топат. Потоа истекле надолу, формирајќи ја оваа долина всечена длабоко помеѓу корапските карпи. Оттука всушност потекнува и името на Длабока Река.
Кањонот на оваа река влегува во составот на Национален парк „Маврово“. Во 1952 година прогласен е за строго заштитено подрачје. Изворите на Длабока Река се наоѓаат на околу 2500 метри надморска висина, веднаш под врвот Мал Кораб.
Она што ја прави посебна и привлечна за љубителите на исконската природна убавина, секако е водопадот кој се формира во горниот тек на реката. Овој водопад со висина од околу 130 метри, е највисок во Македонија. Најдобриот период за посета е во текот на месеците јуни и јули, тогаш снегот не претставува голема пречка, а поради неговото топење, водопадот има најмногу вода.
Најблиско населено место е с. Нистрово, од таму обично се започнува пешачењето кон водопадот. По околу еден час се стигнува до с. Жужње. Тоа веќе одамна е раселено, а единствен доказ за тукашниот живот, се црквата и разурнатите куќи.
Од тука се бира патеката по која ќе се оди кон водопадот. Десната патека оди по течението на реката, претежно низ шумски предел. Тука единствена потешкотија може да претставува преминувањето на реката (два пати) преку импровизирани премини. Додека левата патека започнува откако ќе се помине реката преку мовчето кај црквата. Оваа патека можеби е пократка, меѓутоа е пострмна и помалку безбедна.Независно од тоа која патека ќе ја изберете за овој подвиг потребни се малку повеќе храброст и авантуристички дух.
Целото опкружување е нереално, фантастично и ако не сте биле, ви препорачувам да го посетите иако е доста тешка тура, па најпаметно е со организирана посета со кампување – најчесто во периодот мај, јуни, јули кога е водопадот е најбогат со вода….
Водопади на Ѓеневица
Од извориштето на околу 1400 m надморска височина, до утоката во Радика на околу 650 m надморска височина, реката Ѓеневица тече во должина од 8 km, низ ливади, шума и карпи, правејќи водопади и каскади. Највеличествен дел претставува најзиниот кањон, кој не е целосно пристапен, заради тешкиот терен.
Карстната област Езериште e поле со група на мали езерца во северозападниот дел на планината Бистра, неколку километри северно од Галичник. Иако се наоѓаат на релативно голема надморска височина (на околу 1900 метри), овие езерца според настанокот не се глацијални туку карстни, што ги прави единствени и ретки, поради фактот што карстните предели се водопропустливи. Но овие езерца константно се полнат со вода од блиските извори, иако неколку од нив преку лето пресушуваат.
Дуфски водопади
Дуфските водопади, заедно со целата територија на Реканскиот регион (Горна Река, Долна Река, Голема Река, Мијачија и Малорекански крај) припаѓаат на Националниот парк Маврово со површина првин од 11 750, а од 1952 со проширување на неговите граници – 73 088 хектари, што претставува најголемо заштитено подрачје во Република Македонија.
Вообичаена слика за Дуфските водопади е блескавата вода што наврапито паѓа од недогледните карпи во височините, директно врз чистинка со клупа и дрвени столчиња и камења, камења,.. секаде наоколу. Пејзажниот колорит му е целосно потчинет на сивото, некаква природна сепија на нештата околу нас, каде што сè е влажно, остро, стрмо, а водата е светла и темна во исто време: светла, дури, недогледно бела, кога се струполува низ кањонот и темна – модра, речиси црна, кога ги заобиколува или целосно ги обзема камењата испречени пред нејзиниот умислен тек.
Македонија има многу места за прошетки за кои странците велат дека се во совршена хармонија со природата. Одлучете каде, договорете се со семејството или друштвото и препуштете се на истражување на овие ремек дела на природата.