Ако сакате да избегате од зимата не мора да одите подалеку од Европа. Има многу предлози каде може да се стоплите и да уживате во погледот кон море. Избравме 5 дестинации совршени за зимски одмор, па нека оваа зима биде малку поинаква од останатите!
Канарски Острови
Без голема конкуреција, Канарските острови се најтоплото место во Европа во текот на есенските и зимските месеци. Сместени длабоко во Атлантскиот океан, покрај крајбрежјето на западна Африка, температурите тука се доволно високи за сончање, а доколку сте доволно храбри може и да се искапете. Просечната температура е 21 степен Целзиусов, но температурата знае да се искачи и до 24, па и повеќе степени. Овој остров нуди толку спектакуларни и драматични пејзажи за истражување, што вреди и сосема набрзина да се спакувате и уште утре да тргнете токму таму, бидејќи Канарските острови никако нема да Ве разочараат дури и ако се одлучите за зимски одмор.
Мадеира
Португалскиот бисер на Атлантикот, којшто стана популарен како зимско одредиште за “смрзнатите” Европјани, е вреден за истражување во текот на целата година, а особено е убав да се доживее во зима, токму поради помалиот број на туристи и реалните цени. Главниот островски град Фуншал претставува прекрасна мешавина од модерно и историско, а воедно ќе се одушевите од величенствениот поглед кон морето и белите ѕидови на куќите со црвени покриви. A недалеку од градот ќе најдете црни вулкански песочни плажи од коишто со сигурностќе бидете импресионирани!
Крит
Најголемиот и најнаселен грчки остров, којшто се наоѓа длабоко во сончевиот Медитеран, во текот на зимските месеци има просечна температура од 17 степени Целзиусови, кои понекогаш се искачуваат и до 21 степен. Токму тука може да ја доживеете нежната страна на зимата, на бројните пусти плажи, но и во одличните ресторани и барови. Крит е познат по вкусна храна и многу места за шетање и воедно е одлична дестинација и за љубителите на историјата бидејќи токму тука се пронајдени остатоците од првата цивилизација на подрачјето на Европа.
Кипар
Малку југоисточно на медитеранот се наоѓа нешто потоплиот Кипар, уште еден остров каде дефинитивно се исплати да се побегне во текот на студените зимски месеци. Температурите на островот се движат околу 20-от степен, а температурата на морето може да биде приближно иста. Тоа значи дека пливањето во зимските месеци на Кипар е возможно, па дури и претставува пријатно искуство. Во просек, бројот на сончеви часови во текот на еден зимски месец се движи од околу 180 и повеќе. Па, што повеќе да се побара среде зима?
Малта
Со слична клима како и онаа којашто владее на Кипар, Малта е една од најдобро чуваните тајни на Европа. Таа е често заборавена после летните месеци, што значи дека улиците на главниот град Валета, токму во следниот период се поприлично празни. Со температури коишто се движат околу 20-от степен Целзиусов, грст сончеви зраци и сино небо, упатете се токму тука ако сакате еден сосема поинаков зимски одмор опкружени со скоро идилично тиркизно море.