Занимливости

5 пролетни дестинации во Македонија вредни за посета

vodopadi mk

И без разлика на тоа што немаме море, Македонија изобилува со многу убави дестинации и локации за шетање. Денеска одвоивме 5 дестинации во нашата држава кои се вредни за посета. Организирајте го друштвото или семејството, спакувајте нешто лесно и заминете на еднодневно или пак викенд патување.

1. Јанче и Галичник

Јанче и Галичник живееле заедно и создавале несекојдневно единство меѓу нивната архитектура и природниот пејзаж. Архитектурата на овие две села е родена во ретко виден природен амбиент и меѓу себе е поврзана со прекрасен планински, Македонски алпски пејзаж. Оваа архитектура претставува најубава потврда за природните ткаења и взаемни растења во овој простор на каменот и дрвото, земјата и водата, сонцето и воздухот, месечината и ѕвездите, за чардакот и ридот, за градот и предградието. Чудесната структура на оваа народна архитектура и во Галичник и во Јанче меѓусебно е поврзана со сивите карпи, зелените шуми, бистрата вода, небеското синило и ѕвездените ноќи и месечината. Доколку престојувате во Јанче не заборавајте да ги посетите и останатите убавини во околина како што се:

– водопадите ДУФ, во непосредна близина на село Ростуше,

– манастирот Св. Јован Бигорски

– глацијално езеро Локув, над селото Битуше, на планината Крчин,

– мостот Елен скок на Тресонечка река

 

2. Манастир Рајчица – с.Рајчица – Дебар

Овој комплекс се наоѓа во с.Рајчица, гордо издигнувајќи се над Дебарско Езеро, од каде посетителите имаат прекрасен видик на околината. Во самиот манастир може да се влезе преку 2 места. Низ големата двокрилна дрвена врата замандалена со тешки железни опкови, и малку подолу, вдолж уличето, низ малата врата која Ве води директно во црквата. За манастирот, малата градина и возобновените конаци се грижат монахињи, кои се спонзорираат со изработка на митри.

Во рамките на комплексот постои црквата Св. Ѓорѓи Победоносец (19ти век) посветена на истоимениот светец, чијшто фреско-живопис е изработен од познатите македонски зографи, Данаил монах и уште попознатиот негов ученик Дичо Зограф. Црквата ја крие тајната за моштите на Цв. Ѓорѓи Победоносец, светител од 4ти век, кои можат да се видат заштитетни во артефакт.

Откако ќе завршите со шетање, добро е да знаете дека во околина има неколку меани и ресторани со вкусна традиционална храна која нема да ве остави рамнодушни.

 

3. Моноспитовско Блато, Струмица

Моноспитовското Блато е последното мочуриште во Македонија. Во минатото големо езеро и дом на предисториска флора и фауна, денеска засолниште на ретки и ендемски видови организми, Моноспитовото Блато крај Струмица претставува предизвик за разни профили на научниците кои тука прават истражувања со децении.

Во последните години со финансирање од европските фондови, просторот во овој музеј на природни реткости е освежен со платформи и мрежа од дрвени патеки по кои може да се чекори над блатото, како и дрвени куќички за набљудување на птиците. На тој начин туристите и посетителите можат да уживаат во прекрасниот природен амбиент на еден од ретките уникатни еко системи на Балканот, чувствувајќи го мирисот на алгите, трските, папратот и звукот на барските птици.

 

4. Султан Муратова Џамија, Скопје

Овој комплекс се наоѓа наспроти Бит Пазар, на т.н Виргинов Рид кој доминира над стариот дел на Скопје, познат како Старата Скопска чаршија. Врз претпоставените темели на стар византиски манастир од 11 век се издига Султан Муратова Џамија (1436/38г.) една од најстарите џамии во Македонија и единствена царска задужбина на Балканот од Отоманскиот период. Во рамките на уредениот комплекс се наоѓаат уште и Саат Кулата (16век), како и турбињата т.е. мавзолеите на Бикиј Хан (1555-57г.) и Али Паша од Дагестан (1774г.)

Како и многу други објекти во стариот дел на Скопје, и оваа џамија настрадала во земјотресите од 1555 и 1963 година, а го преживеала и палењето на графдот од страна на австрискиот генерал Пиколомини во 1689 година. По комплетната реконструкција и конзервација, денеска Султан Муратовата џамија е жив верски објект, во кој сеуште има служба. Бидејќи џамијата е ставена под заштита на државата како “споменик на културата”, дозволен е влез за туристи и посетители, и за мажи и за жени.

 

5. Традиционална архитектура Кратово

Кратово е град музеј под отворено небо со типичната архитектура зачувана со стотици години во деталите од фасадите на куќите, поради која доаѓаат туристи од целиот свет. Помеѓу оваа стара автентична архитектура денеска распределена во неколку маала, може да се видат и зачуваните 5 мостови и 6 кули од средновековниот и отоманскиот период, околу кои е испреплетен најразличен фолклор. Погледот кон Симиќевата или Саат кулата кои се реставрирани и достапни за посетителите, визуелно го доловува амфитеатралниот изглед на Кратово со куќите вгнездени во еден помал изгаснат кратер, од каде и потекнува името на градот.

Покрај Центарот за Карпеста уметност и Музејот на град Кратово, попатно можат да го посетат Цоцев Камен, археолошки локалитет од предисторијата и претпоставено светилиште во месноста Шопско Рударе, како и споменикот на природата во с.Куклице, со земјени пирамиди стари повеќе од 10 милиони години, кои наликуваат на човечки фигури.

Leave a Comment

Your email address will not be published.