Занимливости

1.000 ГОДИНИ ТРАДИЦИЈА И ПЕТ ВЕКА СОЖИВОТ – СЕЛО КОНЧЕ

мантово-езеро

Манастир и џамија. Распространето е под падините на планината Серта, на надморска висина од околу 650 метри и тука земјоделството е основна дејност. Преку 300 куќи, (пра)стари и нови. Население мешано, македонско и турско. Тутун нанижан речиси во секој двор. Две реки. Неколку чешми. Мирис на роса и планинска трева.

Така изгледа Село Конче.

За соживотот е излишно да се зборува. Мераба или здраво – сеедно. Ефектот е ист, почитта беспрекорна.

– Отсекогаш сме имале соживот. За Бајрам се оди во турските куќи, а за Божиќ и Бадник во македонските. И сега да одите во чајџилница, ќе видите како Македонци и Турци си седат заедно. Досега никогаш немало никаков проблем, особено не етнички. Постојано сме заедно, си помагаме едни на други. Заедничко, збирно место ни е Пензионерскиот дом, таму се вртат главните муабети, низ насмевка раскажува момчето Турчинче, кое по ништо не можете да го разликувате од неговото другарче Македонче што постојано додава нешто.

Рурален туризам

Конче е оддалечено од Скопје 140 – 150 километри. Најблиско поголемо гратче е Радовиш, на само 22 километра, а до Струмица има околу 45 километри. Кога возите кон Конче, прво минувате низ селата Дедино и Ињево. Штом ќе ја здогледате зградата на Општината, знаете дека сте на правото место. Жителите ќе ве пречекаат со насмевка, со убав збор. Ќе ве прошетаат и ќе ви (раск)кажат сè што сакате.

Во Конче, на кое се надоврзува селото Лубница, можете да видите асфалтирани улички, но и земјени патеки, локални продавнички, амбуланта, пошта, основно училиште, комунално претпријатие (во зградата на поранешната полиција), народна кујна… Има и две помали брани за наводнување, една приватна млекарница, која произведува овчо и козјо сирење, а тука е и стадионот на фудбалскиот клуб „Серта“ од 1950 година, денес обраснат, надвор во функција.

За одмор, пешачење, риболов, спортски риболов, најпосетувано место во околината е езерото Мантово, богато со крап, костреш, плашица. Околу него има 200 вили. Не ретко тука доаѓаат и љубителите на мотокрос-трките. Позната е и локацијата Влашки Колиби, која има бунгалови и најчесто е викенд-дестинација за жителите од Конче и околните градови. Тоа е прекуграничен проект на Општина Конче со Бугарија, близу е до езерото и има преубав поглед кон него.

Одлична за релаксација е и планината Серта со врвот Волчјак, висок 1.159 метри. Во близина е и Пожар, местото каде што е лоцирана метеоролошката станица за југоисточниот регион.

На Петровден, 12 јули, Конче заедно со останатите села од околината го одбележува Денот на Општина Конче. Жителите се собираат во Домот на културата, каде што настапуваат игроорни групи, а по овој повод се организира и познатиот ноќен турнир во мал фудбал.

Јубилеј – 1.000 години постоење

Годинава селото ќе одбележи еден милениум постоење, иако, според жителите, веројатно е многу постаро.

Свети Стефан (позната и како Света Богородица) е средновековна манастирска црква во селото Конче. Црквата се наоѓа во западниот дел на селото, во непосредна близина до основното училиште.

Интересен е и податокот дека во црквата на манастирот „Свети Стефан“ има два тунела. Едниот води кон планината Серта, а другиот кон една стара градба чии остатоци сè уште се наоѓаат во дворот на манастирот.

Мирјана Чакарова