Занимливости

Археолошки локалитети во Македонија вредни за посета ( дел I )

akvadukt

Македонија освен што е позната по природни убавини, таа изобилува и со многу споменици на култура и археолошки локалитети кои се сведоци на едно минато време и се мошне интересни за посета. Следуваат најинтересните локалитети во нашата држава кои заслужуваат да бидат видени.

СКОПСКИ АКВАДУКТ

Скопскиот аквадукт се нарекува и Јустинијанов аквадукт бидејќи се претпоставува дека го изградил Јустинијан I во период од 527 – 554 година. Постојат и претпоставки дека тој е изграден во 16 век за време на отоманската империја. Аквадуктот се наоѓа северно од центарот на град Скопје на одалеченост односно 5-6 км по земјен пат.

Во својата архитектонска композиција во правец север – југ содржи две пристапни рампи, 53 столбови, 54 основни и 42 помали сводови на затекнатите олеснувачки затворени и отворени отвори над столбовите. Вкупната развиена должина на споменикот на културата изнесува 387,98м со висинска кота на Јужната рампа 279,46м и на Северната рампа 280,485м или со денивелација од 1,025м во постојната состојба.

За жал, веќе долго време овој грандиозен споменик на културата е запуштен и не се одржува, а временските непогоди само придонесуваат сè повеќе да пропаѓа и да се оштетува. Последен пат бил обновен по скопскиот земјотрес во 1963 г. Мораме да обрнеме повеќе внимание за зачувување на ова зашто тој е еден од трите најсочувани вакви објекти кој на Балканот опстанал до денес и е воедно единствен македонски културно-историски споменик од ваков вид кој има огромно значење за нас.

 

АНТИЧКА АСТРОНОМСКА ОПСЕРВАТОРИЈА – КОКИНО

Мегалитската опсерваторија Кокино се наоѓа во североисточниот дел на Мекедонија, во близина на границата со Србија. Таа се наоѓа во атарот на селото Кокино, на границата со селото Арбанашко. Целиот регион денес е ретко населен, така што во десетината околни села живеат помалку од 1000 жители.

Според димензиите и изгледот, локалитетот се разликува од сите дотогаш видени археолошки наоѓалишта. Локалитетот зафаќа површина од околу 5000 м2 скалесто поставен на две платформи веднаш под планинскиот врв Татиќев Камен со надморска висина од 1013 метри.

На прв поглед на локалитетот доминираат камените седишта наречени тронови кои се исклесани во карпа и се поставени во насоката север-југ. На тој начин човекот кој седи на еден од троновите е свртен кон источниот хоризонт, со што, кај археолози се јавила идејата дека можеби на тој начин биле набљудувани небесните тела.

Во поширокиот регион регистрирани се голем број на археолошки наоѓалишта од неолитскиот до средновековниот период. Тоа значи дека целиот регион има историја во должина од најмалку 6000 години преполна со значајни населби, светилишта, настани и личности.

 

АНТИЧКИОТ ГРАД НА ИСАРОТ- Валандово

 Археолошкиот локалитет ИСАРОТ се наоѓа во непосредна близина на селото Марвинци, седум километри југозападно од Валандово.

На овој простор во старо време егзистирала праисторијска населба, врз чии остатоци, благодарение на поволните услови и местоположбата во Вардарската долина, подоцна се развила античка населба од хеленистичко време, која постепено прераснала во значаен економски, сообраќаен и културен центар на областа, таканарекувана Амфакситида, што се наоѓа од двете страни на реката Аксиос денешен Вардар.

    

Инаку делови од античкиот град ИСАРОТ се откриени со неколку наоди од постарото железно време, а со археолошкото рекогносцирање се започнува во 1950-1953 година кога локалитетот ИСАР првпат е регистриран во нашата стручна литература. Во текот на 1957 година се објавени некои случајни археолошки откритија од страна на месното население. Неупатените за вредноста на остатоците од античкиот град, земјоделците од околните села разнесувале разновидни археолочки материјали и ги употребивале во градежништвото, за украси во дворовите и сл.

Предмети од овој локалитет можат да се најдат и во некои музеи на други држави, како и во музеите во Скопје, Велес, Гевгелија и Музејската збирка во Валандово.

Античкиот град ИСАРОТ се претпоставува дека настанал во старогрчкиот период, со скромни археолошки грдаби, кој околу средината на IV век пред нашата ера доживува изразит напредок. Археолошките истразивања покажуваат дека градот бил густо населен во хеленистичко времеа.

Античкиот град ИСАРОТ е уништен во почетокот на VI век од силен земјотрес. Тогаш, покрај другите објекти, наполно бил уништен и разорен неговиот водовод, со што без вода згаснал и животот во него.

 

Македонски тип гробница од старо Бонче

Археолошкиот локалитетот Павла Чука се наоѓа помеѓу селата Подмол и Бонче. Станува збор за гробница од македонски тип, која според архитектонската концепција е единствена.

Составена е од отворен дромос вклесан во карпа кој во вид на рампа се спушта во гробницата; потоа следува засводениот дел од дромосот со должина од 11 метри и висина од 3 метри. На почетокот на засводениот дромос од двете негови страни откриен е ѕид кој во вид на прстен ја окружува целата гробница.

Ѕидот е составен од три реда монолитни блокови со 1,5 метри висина. Дијаметарот на овој ѕид е 32 метри, а вкупната должина на ѕидот би изнесувала околу 100 метри. Засводениот дел на дромосот и ѕидот кој ја окружува гробницата се ѕидани од монолитни гранитни блокови со правоаголна форма, а некои од нив достигнуваат тежина и до 2 тона. По засводениот дел на дромосот констатирани се преткомората која има димензии од 1,5 x 3,0 метри и комората со димензии од 4,0 x 3,0 метри, со зачуваната висина од 2 метри.

Според позицијата на овие гробови, може да се заклучи дека гробницата била ограбена и разградувана уште во антиката. Во отсуство на материјал од времето кога е изградена гробницата, околу датацијата можеме да се потпреме на архитектурата. Имено, аналогни гробници со овој тип на свод најрано се датирани по средината на IV век пред н. е., односно повеќето кои работеле на оваа проблематика се согласни дека овој тип на свод на македонските гробници започнува да се применува по освојувањата на Александар III Македонски.

 

БАРГАЛА, Штип – Старa античка населба близу Штип

Старата античка населба со градски карактер со името Баргала се наоѓала кај Долни Козјак, Штипско. Овој град бил разурнат при крајот на 4 век, но просторот не бил напуштен. Археолошките наоди покажуваат дека жителите подигнуваат нов град кај Горни Козјак, кој станал епископско седиште во 5 и 6 век. Епископскиот град Баргала е разорен од аваро-словенските напади, но набрзо потоа повторно населен. Црковната традиција на старото епископско седиште продолжила во словенскиот период на овој простор.

Во с. Горни Козјак, северно од Козјачка Река се наоѓа ран средновековен град-тврдина, кој зафаќа површина од речиси 5 хектари. Градот претставува тврдина опкружена со ѕидови и кули, со момументални влезови и порти. Тврдината на градот со ѕидовите дебели повеќе од два метри, формира издолжен правоаголен простор.

Улица во Античкиот град Баргала, Штип