Занимливости

Авантуристичко семејство: Посетиле над 30 држави, меѓу кои и Македонија

semej15

Сите уживаме кога патуваме со нашите најблиски, но разликата кај ова семејство е тоа што тие постојано се на пат околу светот.

Карен Едвардс, која работи како главна медицинска сестра во Лондон, има малку поинаква идеја кога станува збор за породилно отсуство. За разлика од останатите жени кои периодот по породувањето го поминуваат во удобноста на домот, оваа Англичанка патува низ светот со своето семејство.

Карен и нејзиното семејство се моментално на второто семејно патување низ светот. Оваа мајка-авантуристка веќе го искористила породилното отсуство за своето прво дете на истиот начин.

Откако се родила ќеркичката Есме во 2014 година, семејството останало во нивниот дом во Лондон само 10 недели, а потоа Карен се одлучила да ја однесе во Нов Зеланд, од каде што потекнува нејзиниот сопруг Шон. За време на престојот во Нов Зеланд, тие се договориле да не ги откажуваат плановите за патување што ги направиле уште пред да дознаат дека Карен е бремена.

Малку бевме себични во смисла на тоа што не сакавме да се откажеме од нашето патување. Есме беше изненадување, па така се обидовме да ја вклучиме и неа во нашите планови“ – раскажува Карен. Тричленото семејство тргнало на турнеја во Азија и посетило 6 држави.„Верувам дека различните градови, мириси и звуци ќе ги стимулираат сите нејзини сетила“ – ја објаснува Карен својата необична одлука.

По раѓањето на нивното второ дете, синчето Квин, семејството одлучило да ја повтори авантурата и тргнало на патување кога бебенцето наполнило 9 недели. Инспирација за тоа биле прекрасните искуства од претходното породилно отсуство поминато во патување. „Се обидувам да им објаснам на луѓето… Всушност, полесно е вака отколку да бидеш дома каде што имаш толку многу обврски околу водењето на домаќинството“ – вели 33-годишната мајка и додава: „Многу сме среќни со ова што го правиме“.

Искуствата стекнати за време на патувањата, Карен ги опишува на својот блог Travel Mad Mum, каде што споделува и совети за семејствата кои сакаат да го следат нејзиниот пример. Таа тврди дека ваквиот начин на живот не е несоодветен за деца и дека на нив не им пречи тоа што одреден период секоја вечер спијат во нов кревет, туку напротив, тоа им помага во изградување на нивниот карактер.

3-годишната Есме има посетено преку 30 држави, а 4-месечниот Квин – засега само 7. Животниот стил на Карен предизвика многу родители да ги упатат своите критики кон неа и да ѝ порачаат дека со својата непромисленост ги изложува децата на опасност. Таа едноставно одговара дека ги има потребните квалификации за да се грижи за своето семејство и дека за децата е добро тоа што може да им се посвети без да има други обврски во домот.