Далеку од градската врева, високо во недопрените планински убавини, во прегратките на националниот пак Маврово, на падините на планината Бистра, веднаш над реката Радика во близина на селото Ростуше, на патот помеѓу градовите Гостивар и Дебар, се наоѓа манастирот „Свети Јован Бигорски” кој е посветен на светиот Јован Крстител.
Овој надалеку познат македонски православен манастир бил изграден во 11 –от век, во 1020 година, врз остатоците на стара света црква која некогаш била разрушена.
Во 16 – от век Турците го оштетиле и разрушиле манастирот, а подоцна, во 1743 година, монархот Иларион повторно го обновил, со што изградил неколку монашки ќелии.
Манастирот „Свети Јован Бигорски”, поради неговиот единствен и неповторлив изглед и местото на кое е изграден, многу често е споредуван со манастирите кои се изградени високо на карпите во Света Гора, во Грција.
Бидејќи е посветен на светиот Јован Крстител, иконите кои за него се насликани во манастирот се верува дека имаат исцелителна моќ, па затоа секојдневно се посетувани од голем број на верници кои се надеваат дека нивните молитви и молби ќе бидат слушнати и исполнети.
Во внатрешноста на манастирот се наоѓа мало сребрено ковчеже во кое се наоѓаат светите мошти на Свети Јован Крстител, а исто така се наоѓа и импозантна збирка на рачно пишувани ракописи кои се чувале низ вековите.
Во манастирскиот комплекс се наоѓаат неколку чешми од кои тече чиста планинска и ладна вода, а низ една од тие чешми се смета дека тече и лековита вода.
Исто така во комплексот има поголем број на конаци во кои се сместуваат верниците кои имаат некаква потреба за духовно напредување, ослободување од напнатости, грижи и проблеми, и кои сакаат да се запознаат и на своја кожа да ги почувствуваат мирот, тишината и спокојот, кои само тука и само на ова место се присутни.
Богатствата на природата само ја надополнуваат сликата и уште посилно ќе ве натераат да ја почувствувате неповторливата импозантна големина на манастирот „Свети Јован Бигорски”, која силно ќе се врежи во вашите мисли и сеќавања, бидејќи само тука ќе можете да почувствувате духовен мир кој полека се шири и го обзема целото тело и душа и ќе ве натера повторно и повторно да го посетите овој мал рај во нашата земја.
Доколку сѐ уште не го имате посетено овој манастирски комплекс, ви препорачуваме тоа да го направите во најскоро време, посебно во овој дел од годината, кога сѐ околу манастирот е раззеленето и обоено со боите и мирисите на пролетта.
За да најдете сместување во манастирски конаци низ Македонија, кликнете ТУКА