Голем Град или Змиски Остров е остров во Преспанското Езеро, и се смета за единствениот остров во Република Македонија. Меѓутоа, тоа е сосема погрешно.
Всушност, Голем Град е само најголемиот остров во нашата држава, бидејќи има уште десетици други острови по реките и вештачките езера, а некои од нив се исто така доста интересни.
Голем Град е прогласен за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато. Островот е долг 750 m, а широк 450 m, со највисок дел 50 m над езерото.
Два километри долгиот воден пат од селото Коњско води до оваа природна тврдина, издигната 30 m над езерската вода и со површина од 18 хектари. Денес е ненаселена, но е богата со ендемски растенија, ретки птици, залични заедници на животни, како и објекти, записи и наоди кои зборуваат за долгите векови на населеност на островот.
Освен за љубителите и проучувачите на природата, островот Голем Град е едно од најатрактивните места за оние чии интересирања се насочени кон откривањето и исражувањето на остатоците на населбите од неолитот, хеленистичкото и римското време (некропола) и средновековието. Освен римската некропола, откриени се шест цркви постоеле дванаесет. Островот впрочем бил континуирано населен 2000 години, а манастирскиот живот се одвивал од X до XIV век. Меѓу пронајдените цркви, од особен интерес е онаа подигната и живописана во XIV врз темели на римска цистерна за вода.
Освен сочуваната црква Св. Петар, средновековната црква Св. Димитрија, постои и ранохристијанската базилика од крајот на IV и почетокот на V век, каде се откриени остатоци од поден мозаик.
Островот има три пристаништа: „Св. Петар“, „Гојдарица“ и „Влаија“.
Како да стигнете до островот Голем Град?
Пристапот до најголемиот остров во нашата држава – островот Голем Град, е наједноставен и најбрз од селото Коњско до кое се пристапува по земјен пат од Стење во должина од речиси 8 км. Оддалеченоста на островот од селото Коњско е нешто повеќе од 4 км. Коњско, право рибарско село, e последно од западната страна на брегот, непосредно до македонско-албанската граница.
Освен од Коњско, само десетина минути возење со глисер од селото Стење се потребни за средба со живописниот остров Голем Град.
Поради големиот број на змии на островот, Голем Град уште е познат како Змиски остров. Инаку, севкупните природни карактеристики, како и вредните културно-историски и археолошки објекти се причина што овој остров е прогласен за строг природен резерват. Од 2008 година, Голем Град е уреден и отворен за посета на туристи, кои го посетуваат во се поголем број и заминуваат со прекрасни впечатоци.
Во нашата држава има барем околу 20-30 острови, од кои најголем е островот Голем Град во Преспанското Езеро. Покрај него, карактеристично е и островото Градиште во Тиквешкото Езеро, на кое има остатоци од стари градби. Исто така, многу интересни се и неколкуте големи речни острови во низводниот тек на Вардар, прекриени со густа крајречна вегетација и разновиден жив свет. Меѓутоа, освен за Голем Град, за другите острови нема да сретнете речиси никакви податоци, иако без оглед кој остров од наведените ќе го посетите, веројатно ќе имате прекрасно и незаборавно доживување.