Вевчани е познато по многу работи меѓу кои убавата местоположба, вкусната храна, гостопримливиот народ и познатите Вевчански Извори.
Меѓутоа Вевчани е најпрепознатливо по Вевчанскиот Карневал. Тоа е настан кој се случува само еднаш во годината и кој го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар, спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава. Карневал кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Настан на кој му се восхитуваат илјадници странски посетители секоја година збогатен со неговата културна и историска вредност. Вевчанскиот Карневал секоја година се организира на 13 и 14 Јануари.
Од 2008 година програмата за Вевчанскиот карневал се прошири и истата континуирано се организира почнувајќи секоја година од 11 Јануари до 14 Јануари. Секоја година на 11 Јануари Културно уметничкото друштво Дримкол од Вевчани организира годишен концерт на кој сите заинтересирани имаат можност да се запознаат со работата и достигнувањата на Културно уметничкото друштво во текот на годината. Наредниот ден, на 12 Јануари се организира забавен концерт на кој учествувале и учествуваат голем број на домашни и балкански пејачи. Официјално карневалот започнува на 13 Јануари со пладневното дефиле на маски на кое учесниците ги презентираат своите изработени маски мотивирани од различни секојдневни и несекојдневни животни ситуации.
Вечерта, на 13 Јануари се организира концерт на народна музика во центарот на Вевчани на која учествуваат голем број на домашни истакнати пејачи од овој жанр. Карневалот завршува на 14 Јануари со василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани. Главни карактеристики на карневалот се: архаичноста, таинственоста и импровизацијата. По своите специфични особини се разликува од сите други карневали во светот. Местото на карневалското случување е целото Вевчани, кое, за време на неговото одржување се претвора во своевиден театар без граници каде што секоја куќа, улица е сцена каде маскираните ги изведуваат своите игри како вистински актери.
Меѓу изведувачите нa 1.400 години стариот карневал ќе бидат „Фолтин“, диџеј Кирил Џајкосвки, „Чалгија саунд систем“ и Џамбо Агушев оркестар.
Повелете посетете го Вевчани за време на карневалот или пак одберете друг период кога ќе има помалку народ и ќе можете вистински да ги доживеете убавините што ги нуди ова единствено место.