Занимливости

Локации во Гевгелија кои се вредни за посета

Gevgelija

Доколку сакате да поминете еден ден во Гевгелија, тогаш вистински предизвик за вашата љубопитност ќе бидат неколкуте места во центарот на градот кои нудат бескрајни хоризонти на истражување.

Македонската градска архитектура е со препознатлив стил. Гевгелија на почетокот на ХХ век бележи изградба на повеќе зданија кои се зачувани до денес и кои сеуште претставуваат репрезенти на богатото културно наследство.

Народната библиотека Гоце Делчев сместена на почетокот на градското шеталиште се наоѓа во самиот центар на градот. Зградата е изградена од мајстори од Дебар во 1912 год., по нарачка на некој Турски ага. Се претпоставува дека овој мајстор бил баран и од други стари чорбаџии, така што до ден денес Гевгелија ја красат конаци изградени од негова рака (Сеизов конак, Андреев конак).

Најстара црква во градот е црквата Св. Спас. Се претпоставува дека е изградена во почетокот на деветнаесеттиот век. До 1912 година истата била повеќе пати доградувана. Во поново време покрај црквата е изграден конак со соби за спиење на верниците кои престојуваат во градот.

Црквата Св. Кирил и Методиј се наоѓа во близина на шеталиштето во градот, поточно на неговата јужна страна, изградена е 1895 година. Најмасовна посета таа остварува на Велигден кога секој граѓанин доаѓа да го одбележи Христовото воскресение.

Националната установа Музеј – Гевгелија се наоѓа во просториите на Владовиот конак изграден во 1900 година и се наоѓа до главната пошта во Гевгелија. Тој поседува богата и специфична археолошка збирка, која денес брои околу 4500 музејски предмети. Дел од репрезентативните експонати се изложени во постојаната археолошка поставка „Вардарски Рид со околните наоѓалишта”.

Таа поставка содржи околу 350 предмети, кои потекнуваат од епохите на Неолит (4500 год. Пр.н.е., Железно време 1000 – 500 год. Пр.н.е., Предримскиот период, односно времето на Македонскиот империјализам 500 – 168 год. Пр.н.е. и римскиот период од крај на II до IV век н.е. Цело ова богатство, кое е дел од културното наследство на Гевгелија и Република Македонија можете да го видите во изложбените сали на Музеј – Гевгелија.

Гевгелија е убава во секој период од годината, а ова се некои од нејзините најпопуларни атракции:

Локалитет Смрдлива Вода

Најпосетуваниот туристички локалитет во Гевгелија е Смрдлива Вода. Пред заминете таму, ви препорачуваме да обрнете внимание на живописната природа која не ви дава да здивнете. Впрочем, покрај самиот пат се наоѓа Конска река која мами со своите диви предели, но и со ендемичните видови растенија, како што е Гол човек (Arbutus andrachne), единствено зимзелено дрво коешто двапати годишно ја менува својата црвенкаста и лушпеста кора. Така, кога ќе го допрете, имате чувство дека допирате нежна човечка кожа. Лисјата му се јајцевидни, а цветовите распоредени како гроздови.

Локалитетот Смрдлива Вода на Кожуф Планина се наоѓа на надморска височина од 850м. И на 24 километри оддалеченост од Гевгелија. Познато е по минералната вода и нејзината лековитост за стомачни и заболувања на желудникот и бубрезите. Пределот нуди рекреација, чист воздух и посетеност во текот на целата година.

Ски центар Кожуф

Скијачкиот центар Кожуф е планинско одморалиште со туристичка понуда за целата година и е сместен на падините на планината Кожуф. Центарот се простира на 1500 – 2200 метри надморска височина, веднаш на границата со Грција. Овој крај е еден од еколошките бисери на Европа и овде можете да уживате во единствените медитерански мириси измешани со алпската клима и исклучителна флора и фауна.

Центарот покрива над 450 хектари скијачки терени погодни за сите категории скијачи и сноубордери.

Ловиште Милисин

Доколку сте љубители на ловот, тогаш треба да знаете дека Гевгелија го има Ловиштето Милисин со 300 хектари букова и дабова шума заградена и уредена за лов, а се наоѓа 19 километри оддалечено од градот на левата страна од патот крај Конско.

Ловиштето располага со ловечка куќа за одмор на гостите, а ловџиите можат да уживаат во ловот на диви свињи, срни и елени. За посигурен и попријатен престој ви се нудат посебни услови со превоз, терач на дивеч, користење на ловечко куче и др.

Локалитет Вардарски рид

На влезот од Гевгелија, на десната страна на реката Вардар се наоѓа археолошкиот локалитет Вардарски Рид кој претставува одлично место за посета на љубителите на археолошкиот и културниот туризам.  Овој локалитет опфаќа 16 слоеви, кои припаѓаат на 6 населби, различни по својата организација и архитектура.

Тука се отпочнати археолошки ископувања за откривање на античката градба од петтиот век п.н.е за која сеуште не се знае дали се работи за Аталанта или Гортинија, градови чии останки несомнено се наоѓаат во Р. Македонија. Предметите кои се пронајдени зборуваат за цивилизација која го достигнала врвот на материјалната и духовната култура.

Негорски Бањи

Негорските Бањи се наоѓаат на 4 километри оддалеченост од градот, и претставуваат еден од најважните туристичко – рекреативни центри во земјата, не само поради лековитоста на водата, туку и јасеновата шума која ги обиколува бањите и нуди предизвик повеќе за подготовки на спортски екипи од земјата и странство дури и во зимскиот период поради благата клима.

Испитувањата и искуствата потврдуваат дека минералната вода е погодна за лекување на ревматични заболувања, стерилитет, гастро и кардио заболувања, како и дерматолошки заболувања.

Бањите располагаат со 330 легла во три хотели, базен за капење, одделение за физикална терапија, како и вода за пиење со лековити својства. 

За резервација и разгледување на Негорски Бањи, кликнете на линкот https://apartmani.mk/listings/negorski-banji/