Ловиштето Милисин се наоѓа во близина на Гевгелија, во крајниот јужен дел од нашата држава и спаѓа во Долно Вардарското ловностопанско подрачје. Со одлука на Владата на РМ, тоа е востановено како ловиште за крупен дивеч.
Ова ловиште кое се карактеризира со убава природа и богатство на дивеч, како по видови така по количина. Природата и богатството на дивеч од ловечки аспект ја надополнуваат и оградениот простор за интензивно одгледување на дивеч, може да се лови и елен лопатар. Сето ова надополнето со ски-центарот Кожуф кој се наоѓа во границите на ловиштето и близината на градот Гевгелија кој нуди можности за забава во повеќето казина, на ова ловиште му даваат посебен шмек и го прават доста атрактивно за ловните туристи.
Во ловиштето постојат поголем број на различни шумски заедници што благопријатно се одразува на дивечот. Па така, во најниските делови се појавуваат дабови шуми, кои постепено се заменуваат со букови шуми, за во највисокиот дел да се најдат високопланински пасишта. Самата структура и состав на шумската вегетација допринесуваат во ловиштето да се создаваат поволни услови за природна исхрана на дивечот, а освен тоа, застапеноста на различните типови на шуми, на дивечот му обезбедува природни засолништа, особено во периодот на репродукција.
Сезонската дозвола за лов во ловиштето Милисин изнесува 50 евра во денарска противвредност.
Ловиштето се простира на 10.400 ха и интересен податок е тоа што во овој дел се наоѓало последното природно живеалиште на автохтониот обичен елен.
Инаку, ловиштето располага со ловечка куќа за одмор на гостите, сателитска ТВ програма, обезбеден превоз и по потреба преведувач.
Како да пристигнете до ловиштето Милисин?
Ловиштето е одалечено околу 22 километри од Гевгелија и се наоѓа од левата страна од патот крај селото Конско. Сообраќајницата по која најлесно се пристигнува до ловиштето е регионалниот пат Гевгелија-Горничет-Конско-Смрдлива Вода – СКИ центар Кожуф. Благодарение на солидно развиената мрежа на земјени патишта, пристапот до ловните терени во ловиштето е можен со моторни возила.
Просторот кој го зафаќа ловиштето Милисин се карактеризира со развиена хидрографска мрежа што допринесува водата да не му недостасува на дивечот и да му е достапна во текот на целата година.
Од апект на температурниот режим во ова подрачје се чувствува медитеранско климатско влијание во комбинација со умерено континентално климатско влијание. Минималните зимски температури се со најмали вредности, така што Гевгелиското подрачје спаѓа меѓу најтоплите подрачја во Република Македонија. Ваквиот температурен режим има пријатно влијание врз дивечот и овозможува во ловиштето да се внесуваат и некои видови на дивеч кои би имале потешкотии при адаптацијата на климатските услови кои владеат во поладните северни делови од нашата држава.
Со каков дивеч располага Милисин?
Во ловиштето се застапени голем број на видови дивеч со заштита и дивеч без заштита. Од дивеч под заштита се сретнуваат дивата свиња, срната, а забележано е и присуство на мечка. Покрај нив, во ловиштето се среќаваат и повеќе видови на ситен дивеч кои имаат значење за ловството како што се див зајак, грлицата, повеќе видови на гулаби и шумска шљука. Од дивеч без заштита во ловиштето се среќаваат куна белка и златка, волк, лисица, твор, јастреб кокошкар и др.
Во склоп на ловиштето постојат неколку стопански објекти, и тоа:
- современа ловечка куќа со корисна површина од околу 100м2, која се состои од 3 соби, кујна со трпезарија и 2 купатила. Оваа куќа е со капацитет за сместување на 6 ловци на кои им се нуди можност за пријатен престој во автентичен ловечки амбиент.
- куќа за сместување на ловочувари
- комора-ладилник за месо
- простор за сместување на ловечки кучиња
Шумските работници задолжени за одржување на ловиштето „Милисин” и за прехранување на дивечот во него, посочуваат дека според Законот за ловство забрането е ловење дивеч без дозвола и дека против секое лице кое ќе биде фатено да лови без дневна дозвола или сезонска потврда ќе се поднесува пријава за прекршок за кој што паричната глоба изнесува од 1.500 до 3.000 евра