Селото Рајчица се наоѓа на само 2 километри од градот Дебар, на надморска висина од околу 700 метри. Тука гостите се восхитуваат од местоположбата, архитектурата, фрескосликарството и од духовноста која зрачи на сите страни.
Рајчица е уште еден преубав македонски бисер од дебарскиот крај и има 4 цркви, вклучувајќи го и еден од најпознатите манастири во земјава – Свети Ѓоргија Победоносец.
Кој не ја посетил Рајчица, не ја познава Македонија. Ова едногласно ќе ви го кажат сите дебарчани, без разлика дали се православни, муслимани или од некоја друга религија. Селото е сместено на брегот на Дебарско Езеро и е едно од ретките во земјава и пошироко што во својот атар има дури четири цркви, барем така велат мештаните.
Најпознат е женскиот манастир Свети Ѓоргија Победоносец, кој претставува прекрасно здание во кое на човек едноставно ќе му снема здив од убавините со кои располага. Манастирот Свети Ѓорѓи Победоносец беше обновен во 1999 година, заедно со црквите Света Варвара, Свети Атанасија и Свети Димитрија. Другите цркви се сместени во трите маала на ова преубаво село. Свети Варвара е црква во маалото Рајчки (средниот дел од селото), била подигната во 1507 година, Свети Атанасија е црквата во малото Влаовци (горно маало), а црквата Свети Димитриј се наоѓа во малото Радовци (долно маало)..
Сите цркви се подигнати во почетокот на 16 век и опстојуваат до ден денеска.
Рајчица е совршено, средено селце, имате впечаток како да се наоѓате во луксузно одмаралиште со прекрасен поглед кон езерото.
Ви препорачуваме с.Рајчица да биде избор за следниот ваш викенд.