Радожда е типично рибарско село на брегот на Охридското Езеро и се наоѓа на надморска висина од 725 метри, на десет километри јужно од Струга и на два километри од границата со Албанија. Ја завзема западната положба на Охридското Езеро и претставува идеално место за одмор и уживање.
Селото е старо околу 10 века, но пишуваните докази се од документите на Душановата повелба 1342-1345 година под името Радобужда. Подоцна во Опширниот описен дефтер на Охридскиот санџак од 1583 се појавува под името Радохожда, а во ракописот на Бранислав Нушиќ од 1892 година се нарекува Радоожџа. Селото најпрвин било формирано во планинските ливади на околу еден километар на запад. Но близината на езерото како важен извор на храна ги натерало селаните да се преселат во приобалата и тука да ја формираат новата населба.
Радожда е богата со културни и природни знаменитости. Селото има седум цркви од кои централна е селската црква Свети Никола која е изградена во 18 век. Други цркви се најстарата пештерска црква Свети Арангел Михаил која е од 14 век и поновите Св.Петка, Св.Недела, Св.Среда, Св.Илија и Св.Богородица. Понова знаменитост е 22 метри високиот крст којшто се наоѓа на влезот во селото.
Друга многу важна знаменитост е зачуваниот дел на патот Виа Игнација – зимска траса. Таа минувала преку подалечните јужни предели преку Албанија и Македонија, бидејќи поблиските биле преку зима завеани и со тоа непроодни. Зачувани се околу стотина метри од поплочениот пат кој селаните го викаат калдрма. Од природните реткости најважно е самото езеро кое според староста е едно од најстарите во светот. Друга реткост е карпата која се наднесува над селото, која е висока околу 70-80 метри и долга околу 300 метри.
Што да јадете?
Во Радожда не смеете да пропуштите да јадете риба. Има неколку кафеани долж Охридската ривиера, сите се одлични, нема да промашите во кој и да отидете. На менито е риба, риба и само риба. Значи во Радожда се јаде риба, свежи салати и секако – макало.
Задолжително за посета:
Пештерска црква Св. Архангел Михаил
Во еден од најубавите предели на западниот брег на Охридското Езеро, над селото Радожда, во природните пештери што се наоѓаат една над друга, високо во карпите, била изградена пештерната црква посветена на војсководителот на Небесните Сили – Архистратигот Михаил.
Најголемиот дел од откриените фрески потекнуваат од 14 век, а посебно се истакнува единствената сочувана композиција од 13 век, со претстава “Чудото во Хона” – насликана во чест на патронот кому е посветена црквата. Зографот што го насликал овој лик ни се прикажува не само како надарен мајстор, туку и напреден творец кој ги излага новите непознати уметнички идеали – внесувајќи во ликот внатрешна сугестивност.
Оние кои еднаш ја посетиле оваа интимна езерска убавина, некако со слатка љубомора и само во свои лични, затворени кругови ги споделуваат чудесните искуства од истиот. Како да сакаат да зачуваат што повеќе само за себе, можеби дури и цела Радожда само за себе да ја сокријат.