Занимливости

Туристички прошетки низ Дебарскиот регион

debar

Градот под Крчин, како што го нарекуваат Дебар, се наоѓа во југозападна Македонија на вливот на реката Радика во Црн Дрим, блиску македонско – албанската граница. Градот се наоѓа на 50 километри од Маврово и 50 километри од Струга.

Доколку се решите да дојдете во Дебар од правец на Скопје или од правец на Струга ќе поминете низ преубава живописна природа на клисурите на река Радика (од Скопје) и река Црни Дрим (од Струга). Ќе видите секакви живописни слики кои мајката природа ги направила, така што ќе посакате да застанувате на неколку километри и да ги “плакнете” очите со убавина и да ги полните градите со чист воздух.

Дебарска акумулација на двете бисерни реки Радика и Црн Дрим

Во Дебар можете да споите и одмор, и езеро и минерални бањи. Доколку сте заинтересирани за минерални бањи, Дебарските Бањи се препорачуваат за лекување на различни болести: заболувања на локомоторен апарат; заболувања на нервниот систем; заболувања на гастро-интестиналниот систем; заболувања на респираторниот систем; заболувања на уро-гентиналниот систем; ендокрини заболувања; ортопедски заболувања и состојби после трауми; кожни заболувања. Лекувањето се врши со различни терапии: хидритерапија, фанготерапија, кинезотерапија, електротерапија, фототерапија, кинезитерапија, масажа, сауна, воздушна терапија.

Дебарски Бањи

Во Дебар може да планинарите, да уживате во природните убавини на двете реки кои го полнат Дебарското Езеро, а и во градот има убави етно ресторани каде има вкусна храна, има и куќи со карактеристична архитектура позната како Дебарска куќа.

Се разбира, за сите кои го посетуваат овој крај, Ви препорачуваме да не го пропуштите манастирот Св. Ѓорѓија Победоносец, сместен во село Рајчица на само 2 километри од градот. Таму се чуваат дел од моштите на Свети Ѓорѓија, има прекрасна архитектура и поглед на Дебарското езеро, а секогаш пријатните монахињи ќе ве понудат со кафе и чај.

Манастир Св.Ѓорѓија Победоносец

Недостаток е дека плажите се уште изгледаат диво, но тоа е можеби поради тоа што нивото на водата на езерото поради производство на електрична енергија и недостаток на врнежи, особено летно време, опаѓа. Но сепак хотелските комплекси и базени нудат доволно идеи за рекреација.

Хигиената во градот е на многу ниско ниво, а и нема туристичко биро или место каде да се обратите и да можете организирано да ги посетите сите атрактивни места во овој крај кој е богат и со историја и со природни убавини туку се е препуштено на индивидуални напори. Воедно да споменам дека нема никаква понуда за културни настани и манифестации. Во секој случај, Дебарскиот крај е преубав и има многу што да се види.

Верувајте има уште многу да се каже за Дебар и Мијачко-Раканскиот крај. Се надевам дека ако не биде Дебар ваш избор за годишен одмор, овој текст ќе биде провокација да го посетите и уживате.

Што друго да посетите во околината на Дебар?

Мавровско дебарскиот регион, со изобилството од природни и антропогени објекти е неисцрпен за посетителите. Но сепак посетителот кој е во близина или стигнал на овој простор, неизоставно треба да се задржи и прошета во Маврово и околу Мавровското Езеро.

Еден ден би бил вистинско уживање да се посети платото на планината Бистра со нејзините пространи пасишта, понорот Тони Вода, селото Галичник (Галичка свадба, 12-ти јули, Петровден), традиционалните бачила. Таму пробајте го најквалитетното сирење и кашкавал и напијте се ладна планинска вода.   За похрабрите овде е врвот Кораб 2764 м, највисок во Република Македонија.