Мариово е област во Македонија карактеристична по својата историја, етнологија, традиции и култура. Областа се наоѓа во крајниот јужен дел на Република Македонија.
Мариово зазема една петтина од територијата на РМ, а е поделено на 3 дела: Прилепско, Битолско и Кавадаречко. Прилепскиот дел на Мариово зазема најголем дел од територијата и се протега до Грчка граница.
Мариово е симбол за еколошка чистота или недопрен бисер за кој застанало времето. Изобилува со рудници на различни видови на руди и минерали, со недопрени природни богатства, на кои секој човек може да му се восхитува. Има преку 20 села, од кои голем број се со малку жители или пак доаѓаат само за викенд. Најактивно и најголемо село е Витолиште.
Во Мариово има голем број на цркви и манастири, а најстара е црквата во село Манастир. Поголемиот дел од населението емигрирало во пркуокеанските држави, а останатиот дел низ сите градови во Македонија. Најголема река која тече низ Мариово е Црна Река.
Мариово е прекрасно во пролет, посетителите кои го виделе останале без здив од неговите убавини, пред куќите одамна напуштени, а секоја си има своја приказна. Странците остануваат вчудоневидени од глетката, а многумина прашуваат дали е можно таму да е 18ти век.
Доколку отидете во Мариово сеуште ќе Ве почастат со топла погача или со свежо набран зеленчук.
Во Мариовскиот дел, секој би го нашол својот духовен мир, би ги отворил своите чакри и би ги наполнил со космополотска енергија. Во месец мај се одржуваат Мариовско-мегленски средби во с.Витолиште, па ете повод да го посетите најмакедонскиот дел од нашата земја. Како што е познато од историјата, од Мариово потекнуваат многу јунаци и херои, само тоа ја имало привелегијата да не е поробено од Османлиите.
Секоја година во Мариово се одржуваат џип тури во јули. Низ шуми, река, камења, вистинско авантуристичко искуство.
Ако сте љубители на природата, естетиката, авантуризмот или општо на се што е убаво, посетете го прекрасното Мариово.
Овој регион е познат по недопрената природа и архаичниот начин на огледување на добитокот. Еколошки чистата околина им дава посебен акцент на сите производи кои тука се произведуваат.
Надалеку е познат и природниот мед кој се вади од дрвата во кои на природен начин го создаваат диви пчели. Вкусно е и сирењето.
Да видите стара архитектура, да видите артефакти од минатото, да видите природни убавини, да видите стари цркви и манастири и да пробате традиционална храна.
Мостот во селото Зовиќ
Мостот се вбројува меѓу најубавите архитектонски дела во Мариово. Изграден е од камен, односно делкани и приделкани камени блокови. Во средновековниот период, на местото на камениот мост постоел веројатно дрвен, кој по кажување на жители од селото, бил срушен кога во една прилика при транспорт бил преоптоварен. Дури во 1955/6 година повторно бил изграден со залагање на месното население и колективите. Непосредно кај приодот кон мостот, на една висока карпа е насликан светецот Свети Ѓорѓи, кој е еден вид на остаток од црквичето кое во минатото постоело таму.
Живописот датира од поново време, односно од 1925 година, која е испишана заедно со имињата на дарителите.
На мостот во селото преку кој се оди до прилепскиот дел на Мариово, односно до селата Бешиште и Полчиште, најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски сними дел од својот филм “Прашина”. Oд тогаш овој мост стана туристичка атракција која редовно ја посетуваат странски и домашни туристи. Заради својата популарност мостот доби име “филмски мост” и претставува една од најфотографираните и најпосетените локации во цело Мариово.
Тврдината Пешта
Еден од симболите на Македонскиот непокор – Тврдината Пешта, се наоѓа во срцето на Мариово, помеѓу селата Градешница и Старавина. Тврдината Пешта е поврзана со приказната за Калеш Анѓа, мариовска девојка со челична волја спремна и по цена на својот живот да ја зачува својата вера и да не се предаде на прилепскиот кадија. Калеш Анѓа била заробена на подмолен начин и нејзиното спасување од домот на кадијата, на некој начин претставува вовед во организирано востание против Отоманската империја или т.н. „Мариовска буна“(1564/65 г).
Водопад во близина на село Брник
Во непосредна близина на Црна Река, на околу 30 мин. пешачење од Рапешкиот Мост, на чистата и незагадена Брничка Река се наоѓа Брничкиот Водопад. Живописната долина го надополнува пејзажот со водопадот кој претставува реткост во овие краишта, во кој водата слободно паѓа од 18 метри височина. Целокупниот амбиент на мир и спокојство го надополнува романтичното доживување при престојот на ова место. Водопадот е доста оддалечен од с. Брник и од сите околни патишта, теренот не е обележан, па така се препорачува негова посета само во присуство на водич.
Манастир Св. Ѓорѓи во близина на с. Паралово
Во близина на село Паралово се наоѓа и еден од најубавите манастири во овој крај – Св. Ѓорѓи, надалеку познат по своите конаци. Во овој храм, се верува дека е скриен еден прст од раката на Св. Ѓорѓи. За време на Првата светска војна, ова село се наоѓало на самата фронтова линија и истото било скоро целосно разрушено. Истата судбина ја имал и манастирот чии конаци биле целосно разрушени, а храмот Св. Ѓорѓи претрпел сериозни оштетувања. Селаните биле иселени во Живојно и по завршувањето на војната, се вратиле и го обновиле селото и манастирот, кој денес е еден од најубавите во овој регион.
Мариово изобилува и со прекрасни предели кои се перфектното пребеглиште од стресното секојдневие. Пејсажот кој краде воздишки, го повикува човекот со својот нескротен авантуристички дух да ги открие и нејзините најтаинствени делови. Недопрената примамлива природа повикува, човекот е на потег.