Занимливости

Викенд предлог – уживајте во убавините на село Белица

belica3

Одмор за очите, релаксација за душата, прекрасна природа, вкусна риба, едноставно место каде што може да се избега од брзото темпо на живот и за момент да се заборави на секојдневните обврски. Тоа е село Белица.

Селото се наоѓа во близина на Македонски Брод, на само 34 км од центарот на градот. Се стига лесно преку асфалтен пат. Селото е составено од две мала Долна Белица и Горна Белица. Долна Белица брои десетина куќи од кои повеќето се викендици, а Горна Белица има околу 80 – тина куќи. Селото го краси и реката Белешница која изобилува со кристално бистра и чиста вода (I – класа), па затоа со право од 2002 година е заштитена како споменик на природата.

Белица, потекнува уште од дамнешно време, а под владеење на Османлите останало сe до 1912 година. Првите негови жители биле тројца браќа од селото Бенче, кое исто така се наоѓа во Поречието. Тие направиле колиби, а заедно со себе донеле и добиток. По нив во селото се населила една фамилија од селото Рамне, подоцна дошле некои луѓе од селото Локвица. Во дамнешно време во Белица имало 400 жители, сега има околу 100. Во дамнешно време жителите на селото Белица се собирале пред селската воденица. Селото, сега засега живее само за време на викендите и празниците, како и за селската слава Св. Пантелејмон, на 9 август.

Порано жителите на селото Белица се собирале пред селската воденица. Во селото некогаш постоела и валалница каде што мештаните ги бојосувале јамболиите. Денес, иако нема јамболии за бојадисување, валалницата се одржува за перење на кебиња и други волнени прекривки. Внатре во валалницата има воденица за мелење пченка, од која мештаните си го хранат добитокот.

За убавината да биде комплетна помага и жуборот на бистрата река Белешница која едноставно повикува на разладување во неа од жештината. Високата планина Даутица, високите карпи, зеленилото… го одземаат здивот. И уште многу вакви епитети нема да бидат доволни за опис на селото Белица.

Вниманието на посетителите на селото Белица го привлекуваат и четирите рибници кои се наоѓаат по течението на реката Белешница каде се служи свежа калифорниска речна и златна пастрмка. Цените се пристојни, храната е многу вскусна.

Мотел & Рибен Ресторан Белица

Покрај реката Белешница, која несомнено е бисер на Белица, околината има уште многу да понуди. Во непосредна близина на селото се наоѓаат 3 пештери (Момичек, Лапарница и Голубарница) кои се доста интересни за спелеолозите.

Природа, прошетка со семејството и ручек во некој од рибниците, одлична идеја за овој викенд, Ви го препорачуваме село Белица.