Четириесет и петото издание на традиционалната Галичка свадба заврши вчера. Во преполниот Галичник, на платотото пред чешмата Упија, со екот на зурлите и тапаните биеа и срцата на многубројни македонски и странски посетители.
Тања Лепческа и Златко Димовски беа младоженци на годинашното 45-то издание на Галичката свадба, што се одржи викендов во преубавиот амбиент на селото Галичник на Бистра планина. Овогодинешната невеста е по потекло галичанка и од мала е активна во секоја Галичка свадба како учесник.
Свадбарските обичаи започнаа во саботата, со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ младенците го кажаа вчера во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“. Посетителите имаат можност да проследат над 30 обичаи кои што се изведуваат за време на свадбарските денови.
На манифестaцијата учество зедоа околу 250 луѓе (статисти облечени во автентични галички носии, претставници на културно-уметнички друштва и други)
Галичката свадба се одржува секоја година околу празникот Петровден (12 јули ) во мијачкиот центар Галичник на планината Бистра. Настанот е богат со ритуали и многу уникатни свадбарски обичаи како на пример: чукањето на тапаните, свекрвино оро, носењето на невестата по вода, канењето на мртвите, бричењето на зетот, замесувањето на лебот и венчавањето во црквата Св.Петар и Павле.
Во деновите на свадбата, пиштат зурлите и ечат тапаните на тешкото со сиот подземен и надземен екот на каменот на Бистра.
Галичката свадба со своето постоење и опстојување придонела да се сочуваат изворните песни, ора и надалеку познатата галичка носија.
Во Галичник сега живеат само двајца жители, но на Петровден доаѓаат илјадници посетители и туристи кои специјално доаѓаат да бидат гости на традиционалната Галичка Свадба.
Katerina
Galickata svadba e preubava tradicija koja treba da prodolzi so vekovi